Centar.mk
фото Собрание
-МАКЕДОНИЈА

Димовска во Рим: доследна примена на етичките стандарди

Во рамките на Конференцијата на претседатели на парламенти и генерални секретари на земјите членки на Советот на Европа, која се одржува во Рим, се одржа и редовниот Состанок на генералните секретари на парламентите, на кој учествуваше генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.

Фокусот на состанокот беше ставен на транспарентноста, интегритетот и етиката како клучни елементи за обновување на јавната доверба во парламентите. Воведно обраќање имаше Деспина Хаџивасилиу, генерална секретарка на Парламентарното собрание на Советот на Европа, по што следеа излагања на Фабрицио Касталди, генерален секретар на италијанскиот Дом на пратениците и Федерико Силвио Тонијато, генерален секретар на Сенатот на Италијанската Република, како и размена на искуства меѓу парламентите.

Во делот предвиден за дебата Димовска имаше обраќање во кое ја истакна важноста на транспарентноста, интегритетот и етичкото однесување за зајакнување на довербата на граѓаните во законодавниот дом. Посебно го нагласи донесувањето на новиот Етички кодекс за пратениците во Собранието, унапредувањето на пристапот до информации и дигиталните услуги, но потенцираше дека најважна е доследната секојдневна примена на етичките стандарди. Таа посочи дека заложбите за силни демократски институции, владеењето на правото и ефективниот парламентарен надзор се од суштинско значење и за напредокот кон членството во ЕУ нагласувајќи дека довербата на граѓаните се гради секојдневно, преку одговорно, транспарентно и отчетно работење. Заклучи дека довербата не е нешто што од граѓаните едноставно се бара, туку вредност што се заслужува секој ден.

Димовска се осврна и на улогата на меѓупарламентарната соработка и Европскиот центар за парламентарно истражување и документација – ЕЦПРД – во размената на искуства и јакнењето на парламентарните капацитети.

На агендата на Состанокот беше разгледувањето и усвојувањето на Привремениот годишен извештај за работата на Европскиот центар за парламентарно истражување и документација за периодот јануари 2025 – јуни 2026 година, како и дискусија и усвојување на приоритетите и програмата на ЕЦПРД за периодот 2027 – 2028 година.

На маргините на состанокот, Димовска оствари неколку билатерални средби со свои колеги, на кои се разговараше за унапредување на соработката меѓу парламентарните служби, размена на искуства и добри практики и беше изразена надеж дека средбите ќе резултираат со конкретни проекти за меѓупарламентарна соработка.

 

фото Собрание