Centar.mk
фото Кабинет на Претседател
-МАКЕДОНИЈА

Сиљановска-Давкова: На Фестивалот „Игор Маџиров“, на мал и скромен простор, секоја година се случуваат театарски чуда!

Во својство на покровителка, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера вечер го отвори петтото издание на интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“.

За неа, годинашното мото на фестивалот, „СИТЕ СМЕ ИСТИ. И ЈАС И ТИ“ е уметнички и хуман повик на почитување на правото на секој човек на свој живот, свој свет, своја приказна.

„Токму театарот нè учи да погледнеме подалеку од разликите, да го слушнеме другиот и во неговото искуство да препознаеме нешто блиско и свое, наше, заедничко, човечко“, рече претседателката.

Таа ги поздрави огромните уметнички успеси и високи дострели на Театарот за деца и младинци, постигнати на малиот и скромен простор, непроменет со децении.

За неа, тука, во срцето на Скопје, со многу генерации на деца живееле, растеле, твореле и пораснале големи глумци, задоволувајќи ги нивните мечти и соништа, врзани за блиски и далечни култури.

Богатото уметничко наследство на Игор Маџиров, според претседателката, не престана да постои со неговото прерано физичко заминување, туку продолжи да живее на старите тетарски даски, на коишто, секоја година се случуваат чуда.

Сиљановска- Давкова ја повтори минатогодишната желба – детскиот театар конечно да добие пристоен дом, каков што заслужуваат неговите талентирани и вредни станари и нивните најчести и најверни гости- децата!

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова:

Почитувани организатори,
Почитувани уметници,
Драги гости,
Почитувани и сакани деца,

И годинава, пак сме тука, а јас сè уште посакувам и се надевам на нов амбиент заради доброто на глумците, децата и младите, гледачите. Ама…

Но…чудна дружина сме ние, не случајно овде собраните: талентираните и посветени театарски дејци, децата, како најискрени гледачи и ние, љубителите и обожавателите на театарот, ним сличните, по темперамент и големи очекувања.

Верувам дека и годинава, кога глумците со збор и со тело ќе ги оживеат ликовите и ќе станат други, ние, чувствувајќи ги нивните радости и стравови ќе се идентификуваме со нив и ќе почнеме да размислуваме за изборот којшто го прават, небаре е наш.

Преку играта, смеата и тагата, храброста и сомнежот, правдата и неправдата, театарот како уметност на неможното, ни помага да ги препознаеме човечките слабости и доблести, внатрешни борби, да се радуваме и да се нервираме, бурно да реагираме.

Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, преку творечката енергија, уметничката храброст и недофатливите дострели, ја задоволува огромната љубопитност, поврзува блиски и далечни култури, генерации, светогледи.

Знам дека творењето за најмладата публика и глумењето пред неа е голема и посебна одговорност зашто детето не е рутиниран гледач што мирно ја следи приказната, туку немирен, разбрануван, бистар, љубопитен ум што мисли брзо, поставува многу незгодни и смели прашања, остар и прецизен набљудувач и добар воочувач, бескомпромисен критичар, кој отворено, без преправање, директно го кажува она што го мисли за виденото и чуеното, односно – одиграното.  

Овогодишното мото „СИТЕ СМЕ ИСТИ. И ЈАС И ТИ.“ има демократска и рамноправна дикција, нè потсетува дека секој од нас без оглед на земја од која доаѓа, театар во кој твори, возраст, вера, религија, раса, пол, статус, има свој јазик, своја приказна и свој начин на доживување на светот, но дека сите ги делиме потребата и желбата да бидеме прифатени и разбрани. Токму театарот нè учи да погледнеме подалеку од разликите, да го слушнеме другиот и во неговото искуство да препознаеме нешто блиско и свое, наше, заедничко, човечко.

Театарот, преку уметничкото доживување ја развива способноста да се гледа низ туѓите очи, да се преиспита сопственото уверување, а неговата вредност не е само естетска, туку и педагошка и хумана, просветителска и просветлувачка, освестувачка, зашто уметноста може да инспирира, да вознемири, да провоцира, но и да облагородува, смирува, духовно збогатува, учи, храни, милува…

Знам дека името на Игор Маџиров го поврзува фестивалот со актер чиешто творештво остави оригинална, творечка, длабока трага во македонската култура. Неговото уметничко наследство потсетува дека вистинските сценски дострели не завршуваат со животот или со последниот аплауз, туку продолжуваат да живеат преку глумата на други актери или новите генерации актери, нивните остварувања, но и преку публиката којашто повторно ја открива магијата на театарот и волшебничките способности и дострели на актерите, режисерите, сценаристите…

Драги деца,

Гледајте и фантазирајте, размислувајте и кажете си ги мислењата, борете се и негувајте си ја слободата на мислата, коментирајте, хранете си ги љубопитноста, храбро откривајте ги тајните на животот и на светот. Не престанувајте да прашувате, да замислувате и да сонувате, зашто токму во детските пориви се крие тајната и силата на новото, незамисливото, чудното, неочекуваното. Фестивалските денови нека нè нурнат во театарската магија и во светот на детската фантазија и имагинација.

Нека „Игор Маџиров“ ја разгори и овој пат искрата на љубовта и интересот кон театарот и уметноста, кон сцената, кон играта, нека отвори нови видици, нека овозможи фер и витешки натпревар, нека поттикне исчекувања и надежи.

И оваа година, како и минатата, ќе ја повторам вашата и моја желба, детскиот театар да добие уметничка куќа, дом каков што заслужува, не само сцена на којашто ќе се играат претстави, туку простор којшто ќе овозможи, па и ќе стимулира креативност кај најмладите, ќе овозможува да дојде до израз творечката смелост и ќе му овозможи на Театарот за деца и младинци да расте и да се развива како што децата со растот имаат потреба од поголема облека и поширок простор!

Со особено задоволство го прогласувам за отворено петтото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“.
Ви благодарам.