Centar.mk
фото Министерство за финансии
БИЗНИСПРОМО

Димитриеска-Кочоска на средби со претставници на Светска банка и ИФЦ: Потврдена поддршката за реформите и развојните приоритети на државата

Во рамки на Годишните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд кои оваа година се одржуваат во Бангкок, Тајланд, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оствари средби со регионалната потпретседателка на Светската банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, потпретседателот на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) за Европа, Латинска Америка и Карибите, Алфонсо Гарсија Мора, и извршниот директор на Светската банка за Конституенцата во која членува Македонија, Јуџин Ругенат.

На средбите беше разговарано за досегашната соработка со овие меѓународни финансиски институции, тековните активности и проектите што се реализираат во земјата, како и можностите за натамошно унапредување на партнерството во поддршка на реформите и развојните приоритети на државата.

Светската банка останува еден од значајните развојни партнери на Македонија, обезбедувајќи финансиска и експертска поддршка за спроведување на реформите и реализација на проекти во повеќе области.

Тековното портфолио опфаќа активности насочени кон унапредување на јавните финансии, модернизација на инфраструктурата, енергетска ефикасност, образование, социјална заштита и земјоделство.

Во разговорите беше истакната и важноста на соработката со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) во насока на поттикнување на приватните инвестиции, подобрување на деловното опкружување, поддршка на зелената транзиција и зголемување на конкурентноста на домашната економија.

Посебно внимание беше посветено на реализацијата на Рамката за партнерство со Светската банка за периодот 2024–2028 година, која предвидува значителна финансиска и техничка поддршка за земјата која е во износ од околу 700 милиони долари.
Во таа насока, акцентот беше ставен на забрзување на реализацијата на проектите, поефикасно користење на расположливите средства и постигнување конкретни резултати за граѓаните и економијата.

На средбите беше разговарано и за можностите за поддршка на нови стратешки инвестиции, како и за унапредување на соработката во областите што се значајни за економскиот раст, конкурентноста на приватниот сектор и подобрувањето на квалитетот на јавните услуги.

Министерката Димитриеска-Кочоска истакна дека Владата останува посветена на спроведувањето на реформите, одржувањето на макроекономската стабилност и унапредувањето на управувањето со јавните финансии. Партнерството со меѓународните финансиски институции има важна улога во реализацијата на развојните приоритети и стратешките инвестиции што треба да придонесат за долгорочен и одржлив економски раст.

Претставниците на Светска банка ја поздравија определбата на Владата за продолжување на реформите и ја потврдија подготвеноста на институцијата и во наредниот период да обезбедува експертска и финансиска поддршка за остварување на развојните приоритети на земјата.

На средбата покрај министерката присуствуваше и гувернерот на Народната банка Трајко Славески.

фото Министерство за финансии