Во тек е полициска акција на повеќе локации во земјава, при што, според неофицијални информации , биле пронајдени автоматско оружје, муниција, ножеви, тактичка опрема и други предмети.
Министерството за внатрешни работи постапувало врз основа на претходно добиени оперативни сознанија од Агенцијата за национална безбедност. Акцијата, како што се наведува, следувала по информации дека на територијата на Македонија дејствува организирана група, по што биле преземени претреси и други истражни активности.
При претресите, покрај оружјето и тактичката опрема, наводно биле пронајдени и предмети со симболи поврзани со ИСИС.
Во овој момент нема официјална потврда за карактерот на групата, ниту за евентуална поврзаност на осомничените лица со терористичката организација ИСИС. Токму тоа, според досегашните информации, треба да биде предмет на понатамошната истрага.
Акцијата сè уште трае, а се очекува Министерството за внатрешни работи дополнително да соопшти повеќе детали за бројот на опфатени лица, локациите на кои се вршат претресите и за предметите што се пронајдени.


