Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Филипче: Гориво од 105 денари, народот едвај преживува — корумпираната власт не презема ништо

Граѓаните се соочуваат со огромни трошоци за живот, а власта не обезбедува помош ниту за најзагрозените, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, при денешната посета на Свети Николе, по средбите со граѓаните и земјоделците од Овчеполието.

„Ги споделуваат граѓаните со нас секојдневните проблеми, огромни, натрупани, без никаква грижа и помош од власта. Трошоците за горивото стигнаа и до 105 денари за литар. Никаква помош за ниту една критична категорија граѓани на кои им е навистина потребна“, истакна Филипче.

Тој посочи дека без соодветна поддршка остануваат пензионерите со најниски пензии, социјално загрозените, семејствата со многу деца и работниците со минимална плата. На средбите се разговараше и за предлог-законите на СДСМ во Собранието за зголемување на минималната плата на 600 евра и за финансиска поддршка на земјоделците во кризата.

Филипче ја повика власта да ги поддржи предложените решенија и барем еднаш да го слушне гласот на народот.

„Се надевам дека оваа ненародна, криминална, корумпирана и антимакедонска власт навистина ќе излезе во пресрет и ќе даде поддршка“, рече Филипче.

При посетата на земјоделците од Овчеполието, регион со долгогодишна земјоделска традиција, тие укажаа на недостигот од откуп на грозјето и пченицата, ниските откупни цени на млекото и огромните трошоци за ѓубрива и нафта.

Филипче предупреди дека ваквата состојба го доведува во прашање опстанокот на земјоделците и можноста да продолжат со производство следната година.

„На овие луѓе им е потребна сериозна помош, поради тоа што не само што не можат оваа земјоделска сезона да ја преживеат, туку се поставува најсериозното прашање: што ќе се случува догодина со овие огромни трошоци за ѓубрива, за нафта и со ниски откупни цени, но и без откуп на земјоделските производи“, нагласи Филипче.

Тој го пренесе и предупредувањето од земјоделците: ако власта продолжи да не се грижи за земјоделството, за две години во овој крај земјоделие нема да постои.

Можеби ќе ве интересира

НАРОДНА БАНКА ОРГАНИЗИРА ПРЕВОЗ ЗА КЛИЕНТИТЕ НА АЛТА – Автобуси од Ресен, Охрид и Прилеп до Битола

ДЕСК

БОГДАНЦИ СЕ КРЕНА НА НОЗЕ – Граѓаните со свеќи побараа одговорност за смртта на 17-годишната Билјана

ДЕСК

РЕФОРМИТЕ ВЛЕГУВААТ ВО ЗАВРШНИЦА – Мицкоски очекува најголемиот дел да биде заокружен до крајот на годината

ДЕСК