Лидерите на Европската Унија и земјите од Западен Балкан на самитот во Брисел ја потврдија европската перспектива на регионот и потребата од забрзување на реформите. Во завршната декларација проширувањето е претставено како важен дел од европската безбедност, стабилност и економски развој.
Меѓу конкретните активности се издвојуваат работата на проширувањето на европскиот модел „Роаминг како дома“, побрзите прекугранични плаќања, модернизацијата на граничните премини и поголемото поврзување на регионалните економии со единствениот пазар на ЕУ. Европската комисија потврди дека разговорите за роаминг веќе започнале со Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово.
За македонските граѓани ова е значајна насока, но не и одлука дека од денеска може бесплатно да се користи мобилен интернет во ЕУ. Потребни се дополнителни преговори, технички усогласувања и официјален датум на примена. Унијата истовремено нагласува дека напредувањето кон членство зависи од спроведувањето реформи и исполнувањето на договорените критериуми.


