Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Филипче: Граѓаните на референдум да одлучат дали сакаат рудници во близина на своите домови

Граѓаните треба на референдум да одлучат дали сакаат рудници во близина на своите домови, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, по најавите на премиерот Мицкоски за изградба на рудници и експлоатација на рудното богатство. Филипче посочи дека националните богатства не се приватна сопственост на премиерот и дека за вакви прашања мора да се слушне гласот на граѓаните.

„Премиерот Христијан Мицкоски најавува распродавање на земјата. Вчера го слушам, кажува како ние сме биле богати со руда, надевајќи се дека ќе привлече инвеститори кои што тука ќе градат рудници. Сакам јасно и гласно да му порачам – не смее да ги распродава националните богатства. Прво, за рудници треба да се прашаат граѓаните“, рече Филипче.

Тој додаде дека граѓаните мора да имаат право директно да одлучат дали во нивната непосредна околина ќе има рудници, особено во услови кога веќе постојат сериозни проблеми со квалитетот и безбедноста на водата.

„Треба граѓаните во средините во кои што живеат да се изјаснат на референдум дали сакаат или не сакаат, близу до нивните места на живеење, да се градат рудници.Сега кога имаме случај на загадување на водата, сега кога после толку месеци и пет илјади отруени луѓе во Гостивар кои што пиеја вода загадена со фекалии, сè уште немаме податок дали водата е чиста на хартија. Да се види тоа, сега кога секојдневно се отвораат сега и во струмичкиот регион, неколку места во кои што водата не е исправна, дали е потребен дополнителен ризик од загадување со екстремно токсични материи, како што е антимонот, и кој би гарантирал тој процес, дека ќе биде безбеден, и дека утре антимон нема да се најде во водата, ако се отворат такви рудници, без да се прашаат граѓаните“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ нагласи дека Владата не смее националните богатства да ги користи како излез од сопствените економски проблеми и неуспеси.

„Нема право премиерот, кога има сега целосен дебакл во сферата на економските политики, да мисли дека може да ја распродава земјата. Тоа не е негова приватна сопственост. Тоа што тој во моментов ја води владата, не значи дека треба да располага со националните богатства на земјата за да се спаси во делот на лошите економски политики. Така како што очигледно дека ги има ветено водите за изградба на дата центри, така сега сака да ја распродаде и земјата. Јасно и гласно кажуваме – граѓаните треба да одлучат на референдум дали ќе има или ќе нема рудници близу до местата каде што живеат“, рече Филипче.