Рускиот државјанин Михаил Шабунин (30), осомничен за вчерашното убиство на тројца вработени на стрелиште во близина на Даниловград, е пронајден ноќеска во шума над Херцег Нови. Според црногорската полиција, откако бил опколен, пукал во полицајци, а потоа се самоубил.
Шабунин е пронајден околу 3:35 часот во шумата над населбата Топла од страна на припадници на Специјалните и Посебните полициски единици, Регионалниот центар за безбедност Југ и Граничната полиција. Во акцијата е употребена специјализирана опрема и хеликоптер на Војската на Црна Гора.
Пукал во полицајци
„Откако осомничениот бил опколен и се нашол во безнадежна ситуација, отворил оган врз полицајци, а потоа извршил самоубиство со огнено оружје“, соопшти црногорската полиција.
Министерот за внатрешни работи Данило Шарановиќ објави дека кризната состојба во Херцег Нови е завршена.
Полицијата, во соработка со Вишото државно обвинителство во Подгорица, продолжува да ги утврдува сите околности на случајот, вклучувајќи ја причината и мотивот за тројното убиство./Извор:Makfax


