Израелската армија изврши напад со дрон врз градот Џенин на окупираниот Западен Брег во петокот. Некои палестински извори објавија дека три лица се убиени, но палестинското Министерство за здравство сè уште официјално не го потврди бројот на жртвите или нивниот идентитет.
Израелската армија објави дека прецизно погодила неколку лица што ги означила како терористи, без да го наведе нивниот број, идентитет или исходот од нападот.
Палестинската новинска агенција WAFA објави дека дронот погодил куќа во изградба во областа Харш ал-Саад, западно од градот и бегалскиот камп Џенин. По нападот, неколку возила на палестинската Црвена полумесечина се упатиле кон погодената област.
Израелски воен извор изјавил за „Тајмс оф Израел“ дека нападот бил насочен кон водачот на палестинска милитантна ќелија во областа Џенин и двајца негови соработници. Според тој извор, тројца мажи биле во автомобил, а наводниот водач на ќелијата подготвувал нови напади.
Израелската армија не ги објавила нивните имиња ниту доказите за овие тврдења.
Воздушните напади на Западниот Брег се ретки во последните месеци. Израелската војска извршила повеќе од 100 воздушни напади во областа помеѓу 7 октомври 2023 година и почетокот на 2025 година, главно со беспилотни летала и хеликоптери.
Според „Тајмс оф Израел“, само пет напади во тој период биле извршени од борбени авиони./Извор:Makfax


