Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека му наредил на Пентагон значително да ги намали заедничките воени вежби со Јужна Кореја, во објава на социјалните мрежи во која се споменува и одбивањето на Сеул да учествува во акции против Иран.
Трамп во објава на својот профил на Truth Social изјави дека е предоцна целосно да се откажат вежбите, но дека „не е задоволен“ што САД се согласиле да учествуваат во нив претходно.
„Вежбите испраќаат несоодветен, непријателски сигнал до земја што ни се заканува“
Американскиот претседател, исто така, го истакна својот „многу добар однос“ со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
„Овие вежби не се само скапи… туку испраќаат сигнал што е целосно несоодветен и непријателски кон земја која, откако Доналд Џ. Трамп е претседател, не претставува никаква закана и се однесувала со почит“, напиша Трамп.
Трамп, исто така, посочи на ставот на Јужна Кореја за конфликтот меѓу САД и Израел со Иран.
„Донекаде неповрзано со Иран“
„Иако донекаде неповрзано (?), неодамна го прашав претседателот на Јужна Кореја дали би ни се придружиле во денуклеаризацијата на Исламската Република Иран, а тие рекоа: ‘Не, благодарам!’“, напиша Трамп.
Годишните заеднички воени вежби, „Ulchi Freedom Shield “, се закажани да се одржат од 17 до 27 август.
Радикалниот пресврт на Трамп
Доналд Трамп радикално ја промени традиционалната американска дипломатија за време на својот прв мандат како претседател преку директни средби со Ким Џонг Ун – на историските самити во Сингапур во 2018 година и Ханој во 2019 година, и во самата Демилитаризирана зона.
Трамп, неодамна објави фотографија со Ким Џонг Ун на границата меѓу Јужна и Северна Кореја, тврдејќи дека и покрај непријателскиот изглед на фотографијата, тие „добро се сложуваат“.
Иако Трамп потоа привремено ги суспендираше или намали обемот на големите воени вежби со Сеул, нарекувајќи ги премногу скапи и „провокативни“, разговорите за целосна денуклеаризација пропаднаа во Ханој поради несогласувања околу укинувањето на американските санкции во замена за затворање на севернокорејските нуклеарни објекти.
Пјонгјанг потоа продолжи со брзиот развој на балистички ракети со долг дострел и проширување на својот нуклеарен арсенал, додека Трамп го задржа својот став за личните дипломатски врски со Ким како основа на стабилноста во регионот./Извор:Makfax


