Centar.mk
РЕГИОН

Србија се бори со пожари

Високите температури, сушата и силниот ветер повторно создаваат сериозни проблеми со пожарите во Србија, каде што во моментов се активни 39 пожари на отворен простор, пренесуваат српските медиуми.

Најтешка е состојбата во Делиблатската Песочара, на територијата на општина Ковин, каде што пожарот зафатил површина од околу 3.000 хектари, претежно ниска вегетација и трева. На дел од територијата е прогласена и вонредна состојба.

Активен е и пожарот на планината Столови кај Краљево. Според информациите од терен, огнот сè уште има два фронта, а гаснењето дополнително го отежнува силниот ветер. На дел од планинските падини не е безбедно пожарникарите да интервенираат од земја поради опасноста од повреди.

Во меѓувреме, пожарите во Брезница во општина Бујановац и во Горњи Брестовац во општина Бојник се локализирани.

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ денеска го посети подрачјето на Дубовац во Делиблатската Песочара, каде што пожарникарите и другите служби продолжуваат со контролирање на пожариштето за да се спречи повторно активирање на жариштата. Тој ги отфрли информациите дека пожарникарите го напуштиле Дубовац.

Премиерот Ѓуро Мацут изјави дека навремената реакција на надлежните институции овозможила да се заштитат животите и здравјето на луѓето, како и нивниот имот.

Според прогнозите на Републичкиот хидрометеоролошки завод, до понеделник навечер ќе остане висок ризикот од избувнување и ширење пожари. Температурите ќе достигнуваат до 36 степени, а сувата вегетација и повремено силниот ветер дополнително ќе ја зголемуваат опасноста.

Сепак, во текот на ноќта кон вторник и во вторник се очекува промена на времето со пад на температурите и врнежи, што би требало да создаде поповолни услови за гаснење на пожарите.

Посебно тешка е состојбата на Столови, каде што пожарот зафатил подрачје со значајно растително богатство. Од „Србијашуме“ предупредуваат дека штетата ќе може целосно да се процени дури по гаснењето на пожарот, но се очекува да биде значителна. На подрачјето има околу 700 растителни видови, што претставува околу една петтина од растителниот свет во Србија./Извор:Makfax