Centar.mk
СВЕТ

Тајфун со удари на ветрот до 216 километри на час ја погоди Јапонија, Кина се подготвува за невремето

Тајфунот Делфин ја погоди јужната јапонска префектура Окинава, при што се повредени шест лица, а повеќе од 50.000 објекти останаа без електрична енергија. Кина во меѓувреме затвори пристаништа и го прекина траектниот сообраќај во пресрет на очекуваното пристигнување на тајфунот на нејзиниот источен брег.

Пет постари лица се повредени на Окинава, од кои три паднале поради силниот ветер, додека уште едно лице е повредено во префектурата Кагошима. Повредите не се опасни по живот.

Речиси 39.000 објекти во Кагошима останаа без струја, а на Окинава нешто повеќе од 12.000. Јапонските авиокомпании АНА и „Џапан ерлајнс“ откажаа летови кон и од Окинава.

Тајфунот достигна максимална брзина на ветерот од 162 километри на час, со удари до 216 километри на час. Се очекува Окинава и островот Амами да бидат најсилно погодени во Јапонија.

Во Кина, каде што се очекува тајфунот да стигне на копното меѓу недела навечер и понеделник наутро, властите издадоа портокалово предупредување, второ највисоко ниво. Според кинескиот Национален метеоролошки центар, најверојатно ќе удри на брегот меѓу Џоушан во провинцијата Џеџијанг и Фудинг во провинцијата Фуџијан.

Дожд и силен ветер во источна Кина се очекуваат до 12 август, а во делови од Џеџијанг би можеле да наврнат повеќе од 600 милиметри дожд.

Џеџијанг го подигна предупредувањето за тајфун на највисоко ниво, ги затвори пристаништата и прекина 162 траектни линии. Аеродромот Нингбо Лише ќе го прекине работењето во сабота од 23:30 часот и ќе ги откаже сите летови во недела.

На Тајван поради тајфунот се откажани 78 меѓународни летови, а во северните делови на островот се очекуваат обилни врнежи во текот на викендот./Извор:Makfax