Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Повеќе од 240 заразени со вирусот Западен Нил во Европа – Македонија меѓу земјите со најмногу случаи

Кај повеќе од 240 луѓе низ Европа годинава е потврдено дека се заразени со вирусот Западен Нил, според неделниот извештај што во петокот го објави Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).

ЕЦДЦ наведува дека 139 случаи се регистрирани во Италија, а 61 во Грција. Другите случаи на зараза се регистрирани во Шпанија, каде што има 17, додека во Македонија забележана е бројката од 13 лица. Според последните информации со кои располагаат домашните институции, до вчера регистрирани се вкупно 20 случаи. Романија има шест, Франција четири, додека во Германија е регистриран еден случај.

Кон крајот на минатиот месец Светската здравствена организација (СЗО) повика на зголемена претпазливост откако во јужна Европа беа регистрирани неколку случаи на треска од Западен Нил. Според СЗО, вирусот Западен Нил обично се пренесува меѓу комарци и птици. Меѓутоа, заразените комарци можат да каснат и да заразат луѓе, најчесто во периодот меѓу јули и септември.

Според Институтот „Роберт Кох“ (РКИ), германска институција за контрола и превенција на болести, повеќето заразени луѓе не се ни свесни дека го имаат вирусот. Поради тоа, истражувачите претпоставуваат дека постои голем број непријавени случаи.

Во потешките случаи, болеста може да го зафати нервниот систем и да доведе до состојби како енцефалитис и менингитис. Не постои ниту вакцина ниту лек против вирусот. Лекарите можат да ги лекуваат само симптомите.

СЗО ги советува патниците да го намалат ризикот од каснување од комарци со носење соодветна облека и користење средства против комарци./Извор:Makfax