Шеснаесетгодишниот Колт Греј е осуден на доживотен затвор за убиството на четири и ранувањето на уште девет лица во нападот во средното училиште „Апалачи“ во американската сојузна држава Џорџија во септември 2024 година, јави Хина.
Греј, кој минатата недела ја призна вината по 55 точки од обвинението, беше осуден како полнолетно лице. Судијата Николас Прим оцени дека неговите злосторства покажуваат „трајна непоправливост“ и дека не покажува каење за стореното.
Во нападот беа убиени двајца 14-годишни ученици – Кристијан Ангуло и Мејсон Шермерхорн, како и наставниците Кристина Иримие (53) и Ричард Аспинвол (39). Во училиштето внел полуавтоматска пушка што, според обвинителството, му ја подарил неговиот татко за Божиќ.
Обвинителите наведоа дека Греј сакал да стекне озлогласеност слична на другите извршители на училишни напади на кои им се восхитувал. Како доказ беа презентирани телефонски разговори од затвор, во кои тој се интересирал како јавноста реагирала на нападот.
Неговиот татко претходно беше прогласен за виновен бидејќи му го дал оружјето и покрај предупредувачките знаци за неговото однесување. Изрекувањето на пресудата за таткото е закажано за четврток. Одбраната тврдеше дека тинејџерот израснал во нестабилно семејство, со родители кои користеле дрога и го занемарувале./Извор:Makfax


