Патнички брод со 238 лица се насука на реката Дунав во близина на романското место Салча поради екстремно нискиот водостој, пренесуваат AFP и романскиот портал Digi24.
Бугарската гранична полиција евакуираше 186 патници од крузерот „Viking Ullur“, кој плови под швајцарско знаме, додека на бродот останаа 52 членови на екипажот. Снимките објавени од бугарската полиција ги прикажуваат патниците со спасувачки елеци, на кои спасувачите им помагаат да се качат во патролен чамец на граничната полиција.
Крузерот, кој пловел од Дробета-Турну Северин кон бугарскиот Видин, се заглавил на дел од реката со песочни наноси. Поради нискиот водостој и неколкуте неуспешни обиди за негово ослободување, надлежните оценуваат дека шансите бродот наскоро да биде извлечен се мали./Извор:Makfax


