Во текот на изминатиот викенд (25/26.07.2026) како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ државата, од вкупно 1355 издадени платни налози, 412 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење.
Лишени од слобода за безобѕирно управување на возило биле 38 лица, од кои шест за возење под дејство на алкохол, 14 за возење без возачка дозвола, четири поради претходно изречена забрана за управување со возило. Во истиот период одземени се 14 возила по член 300-б од Кривичниот законик.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на изминатиот викенд евидентирани се 212 прекршоци за неправилно паркирање, како и 70 санкции за возење под дејство на алкохол. Од друга страна пак, а согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 78 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем. Исто така санкционирани се 108 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 15 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а осум заради техничка неисправност.
Санкционирани се и тројца возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии). Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.


