Centar.mk
ЛОКАЛНО

ЈП „Комуналец“ Гостивар: Нема основа целиот проект за водоснабдувањето да се прикажува како инвестиција без резултат

Во јавноста деновиве се отворија повеќе прашања за реализацијата на проектот „Водоснабдување на Гостивар II – SECO II“, .

Од ЈП „Комуналец“ објавија соопштение во кое наведуваат дека оценката дека проектот во целина „пропаднал“ не може да се изведе без увид во одобрениот проектен опфат, договорите, изведените и тестираните работи, документацијата за примопредавање и причините поради кои одредени делови сè уште не се целосно оперативни

„Со оглед на сериозноста на состојбата со водоснабдувањето и оправданата загриженост на граѓаните, ЈП „Комуналец“ Гостивар има обврска да ги соопшти фактите со кои располага и јасно да ги разграничи надлежностите на сите институции и субјекти вклучени во проектот. Јавната и медиумската проверка на проект од вакво значење е неопходна. Но оценката дека проектот во целина „пропаднал“ не може да се изведе без увид во одобрениот проектен опфат, договорите, изведените и тестираните работи, документацијата за примопредавање и причините поради кои одредени делови сè уште не се целосно оперативни. Токму овие факти се неопходни за јавноста да добие точен одговор што е реализирано, што останува да се заврши и кој е надлежен за секој од преостанатите чекори. Проектот беше финансиран со поддршка од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања – SECO и Германската развојна банка – KfW. Градежните и техничките работи не ги изведуваше ЈП „Комуналец“, туку договорно ангажирани изведувачи, согласно одобрена проектна документација и под двоен стручен надзор“, велат од претпријатието.

Според документацијата и информациите со кои располага ЈП „Комуналец“, околу 98 проценти од предвидените работи се реализирани и тестирани. Од таму велат дека за изведените активности постојат технички записи, извештаи и видеодокументација. Поради тоа, велат од „Комуналец“, не е основано целиот проект да се прикажува како нереализиран или како инвестиција без резултат.

„За целосно оперативно поврзување на системот останува да се изведат работи на околу 600 метри од трасата, на дел за кој е неопходна согласност од Јавното претпријатие за државни патишта. Иако барањето за согласност е поднесено пред околу две години, таа сè уште не е издадена. Без ова одобрение, не постои законска можност да се продолжи со изведбата на тој дел од трасата. Овој факт е суштински за разбирање зошто системот сè уште не е целосно ставен во функција. Затоа е потребно јасно да се разграничи изведбата на проектот од административните и институционалните пречки што го одложуваат неговото завршно поврзување“, велат од ЈП „Комуналец“.

Од таму велат дека не ја оспоруваат потребата од целосна проверка. Напротив, велат од таму, претпријатието е подготвено на надлежните институции, ревизорските тела и истражните органи да им ја стави на располагање документацијата со која располага.

„Доколку постои сомневање за пропуст, неизвршена обврска или ненаменско трошење средства, тоа треба да се утврди во стручна и законска постапка, со прецизно утврдување на одговорноста на секој учесник во проектот. Во момент кога граѓаните со право бараат сигурно водоснабдување и јасни одговори, најважно е јавната дебата да се води врз основа на документирани факти, а институциите да се насочат кон отстранување на преостанатите пречки и целосно ставање на системот во функција. ЈП „Комуналец“ Гостивар ќе продолжи навремено да ја информира јавноста за сите натамошни активности“, се наведува во соопштението./Извор:Makfax