Centar.mk
фотографија дистриубирана од Минситерство за транспорт
МАКЕДОНИЈА

Превртеле трансформатори тешки над 30 тони и го собрале бакарот: Железницата остана без клучна опрема

– Во електровлечната подстаница Драчево, лоцирана помеѓу железничките станици Лисиче и Драчево, е извршена кражба од големи размери, при што е предизвикано целосно уништување на значаен дел од електроенергетската опрема на железничката инфраструктура, се вели во соопштение на ЈП МЖ Инфраструктура.

При кражбата биле насилно превртени два големи електроенергетски трансформатори, секој со тежина од над 30 тони. Од трансформаторите било испуштено и истурено трансформаторското масло, додека бакарните намотки и другите вредни компоненти биле целосно отстранети и украдени.

Од подстаницата се украдени бакарни жици, бакарни шини и прачки, како и практично сите уреди и елементи неопходни за нејзиното функционирање. Со ваквото противправно дејствие, објектот е доведен во состојба на целосна нефункционалност.

Според првичната проценка, директната материјална штета изнесува околу 5 милиони евра.

Овој настан не претставува само кражба на бакар и опрема, туку тежок напад врз критичната железничка инфраструктура и врз имотот на државата и граѓаните.

Оштетувањето на објекти од ваков вид може да предизвика сериозни последици за безбедноста, стабилноста и редовното функционирање на железничкиот сообраќај.

Апелираме до надлежните институции случајот да биде темелно и итно истражен, сторителите и сите лица вклучени во кражбата, транспортот и понатамошното отуѓување на украдените материјали да бидат идентификувани и да понесат соодветна одговорност, соопштија од ЈП МЖ Инфраструктура

фотографија дистриубирана од Минситерство за транспорт