Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

По загадената вода во Гостивар можно е да се појават случаи на жолтица

Комисијата за заразни болести предупреди дека во наредниот период во Гостивар постои можност да се појават случаи на хепатит А и хепатит Е како задоцнета последица од загадувањето на водата. Засега нема потврдени случаи на овие заболувања, но здравствените власти најавуваат засилен надзор поради периодот на инкубација на вирусите.

Според претседателката на Комисијата, Жаклина Шопова, во изминатите десет дена околу 3.850 жители побарале лекарска помош поради дијареа, повраќање и други стомачни тегоби. Иако бројот на нови пациенти се намалува, таа предупреди дека по цревните инфекции може да се појават и заболувања што се пренесуваат преку загадена вода.

Хепатит А најчесто се пренесува преку контаминирана храна или вода, а симптомите обично се јавуваат околу еден месец по заразувањето. Кај хепатит Е инкубацијата може да трае од две до десет недели.

Од Комисијата нагласуваат дека предупредувањето не значи оти веќе има епидемија на жолтица, туку дека постои ризик од појава на нови случаи во наредниот период. Граѓаните се повикуваат да побараат лекарска помош доколку забележат пожолтување на кожата или белките на очите, темна урина, силен замор, мачнина или болки во стомакот.

Во меѓувреме, кај досегашните пациенти не е утврден единствен причинител на масовните цревни инфекции. Надлежните соопштија дека се изолирани астровирус и шигела, но причинителите не се исти кај сите заболени.

Комисијата повтори дека водата од гостиварскиот водовод не смее да се користи сè додека надлежните институции официјално не соопштат дека е безбедна за употреба./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

НАПАДНАТ ПОЛИЦАЕЦ ПРЕД ПОЗНАТ ЛОКАЛ – Тројца млади мажи приведени, кај 19-годишник измерени 1,52 промили алкохол

ДЕСК

СТРАОТНА СООБРАЌАЈКА КАЈ СТОПАНСКИ ДВОР – 17-годишник и неговиот сопатник тешко повредени, уште едно лице со повреди

ДЕСК

ТЕШКА СООБРАЌАЈКА ВО СКОПЈЕ – „Пежо“ удрило во 93-годишен пешак на паркинг, старецот тешко повреден

ДЕСК