Додека Светското првенство во Северна Америка се приближува кон крајот, американскиот претседател Доналд Трамп изрази желба Соединетите Американски Држави во блиска иднина повторно да бидат домаќини на Мундијалот. Тој ова го изјави на прием во „Трамп Тауер“ во Њујорк, во пресрет на неделното финале.
„Треба повторно да ги изберете Соединетите Американски Држави“, рече Трамп. „Но, овојпат ќе ги изоставиме Канада и Мексико како ко-домаќини.“
САД беа домаќини на 78 од вкупно 104 натпревари на овогодишното Светско првенство, вклучувајќи ги и сите 12 натпревари од четвртфиналето па натаму.
Следниот Мундијал за кој сè уште не е избрана земја домаќин е оној во 2038 година. Иако вообичаено период од 12 години е краток за една земја повторно да организира Светско првенство, ФИФА во последните години направи исклучок со раното доделување на домаќинствата за турнирите во 2030 и 2034 година.
Со оглед на тоа што Светското првенство во 2030 година, по повод 100-годишнината од турнирот, ќе се игра во Африка (Мароко), Европа (Шпанија и Португалија) и Јужна Америка (Уругвај, Аргентина и Парагвај), а Мундијалот во 2034 година ќе се одржи во Саудиска Арабија (Азија), според актуелните правила на ФИФА, единствени континенти што ги исполнуваат условите да бидат домаќини во 2038 година се Северна Америка и Океанија.
Трамп откри и дека претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, разговарал со него за можноста САД и Кина во иднина заеднички да бидат домаќини на Светско првенство.
Трамп, кој ќе присуствува на неделното финале меѓу Шпанија и Аргентина во Ист Радерфорд, се најде во центарот на вниманието и поради случајот со американскиот напаѓач Фоларин Балогун.
Според наводите, Трамп контактирал со Инфантино во врска со можноста да биде поништен црвениот картон на Балогун.
Иако ФИФА контроверзно ја укина суспензијата од еден натпревар и му овозможи настап на Балогун, американската репрезентација загуби од Белгија со 4:1 и повторно не успеа да се пласира во четвртфиналето./Извор:Makfax


