Centar.mk
СВЕТ

Коков: Европските лидери ги предадоа своите народи и ги направија заложници на НАТО

Европските лидери ги предадоа своите народи, правејќи ги заложници на воено-терористички сојуз, изјави заменик-секретарот на Советот за безбедност на Русија, Јуриј Коков.

„Лидерите на европските земји, следејќи ги своите политички амбиции, во суштина ги предадоа своите народи и ги направија заложници на воено-терористички сојуз кој им служи на интересите на транснационалните корпорации во Лондон и Вашингтон“, рече Коков во интервју за руски ТАС.

Според Коков, „под маската на таканаречените антитерористички мисии, во флагрантно кршење на клучните принципи на Повелбата на ОН, тие напаѓаат нелојални држави, ги соборуваат демократски избраните власти и воспоставуваат контролирани режими во нив, а потоа ги ограбуваат природните ресурси и другото богатство на земјата домаќин“.

„Во меѓувреме, широко се применува циничната политика на „двојни стандарди“, каде што истата радикална група денес може да биде етикетирана како терорист, а утре, следејќи ги опортунистичките интереси, да биде прогласена за борец за демократија, добивајќи оружје, финансиска и политичка поддршка“, изјави тој.

Како што истакна Коков, поединци, организации, па дури и цели држави се исто така лажно обвинети за финансирање на тероризам и ставени на таканаречени црни листи, а против нив се воведуваат неоправдани санкции и рестриктивни мерки.

„Само во последниот четврт век, Северноатлантската алијанса започна повеќе од 30 воено-терористички конфликти на различни континенти. Трилиони долари се трошат за овие авантури, скриени од високите принципи на демократијата, хуманизмот, почитувањето на човековите права и борбата против тероризмот“, рече Коков, цитиран од Танјуг./Извор:Makfax