Centar.mk
МАКЕДОНИЈАРЕГИОН

ДРАМА НА МАКЕДОНСКОТО НЕБО: Патник заврши во болница, што се случило со авионот на “Рајанер”?

Сериозен инцидент го одбележал летот на „Рајанер“ од Солун кон Меминген, откако авионот кратко по полетувањето бил принуден да се врати на аеродромот во Солун.

Грчкиот весник „Катимерини“, повикувајќи се на извори од аеродромот, објави дека леталото имало проблем додека се движело над Македонија. Според тие информации, екипажот забележал дефект на еден од моторите, по што била донесена одлука авионот веднаш да се врати назад.

При спуштањето, според истиот медиум, се откачил дел од моторот и удрил во дел од авионот, при што бил повреден еден патник. Од аеродромски извори било наведено дека не станувало збор за пробивање на трупот на авионот, туку за оштетување поврзано со дел од моторот.

По пријавениот проблем, на аеродромот во Солун биле активирани сите безбедносни протоколи. Противпожарни екипи, брза помош, полиција и други служби биле ставени во подготвеност. Авионот слетал, а патниците биле вратени на терминалот.

Од „Рајанер“, пак, според соопштението што го пренесе „Катимерини“, навеле дека летот бил вратен во Солун откако за време на летот се откачил прозорец кај патничкиот дел. Компанијата соопштила дека авионот слетал нормално, а еден патник побарал и добил медицинска помош на земја.

За патниците бил обезбеден заменски авион, со кој најголем дел од нив подоцна го продолжиле патувањето кон Меминген. Дел од патниците, поради вознемиреност, одлучиле да не летаат веднаш.

Четири лица превентивно биле пренесени во болница. Повеќето биле пуштени по преглед, додека едно лице останало на дополнителни испитувања.

Македонски и српски портали објавија и драматични сведоштва од патници.

Точните причини за инцидентот и што навистина се случило во авионот треба да ги утврди истрагата што веќе е започната.