Изјава на премиерот Христијан Мицкоски:
„Добар ден и од мене,
Јас немам што да додадам околу спецификацијата на опремата и обемот на опремата којашто е добиена како донација од страна на Европската Унија.
Ми останува само да се заблагодарам на амбасадорот за неговата лична посетеност, на Европската Унија што, еве, донира и препознава во македонската Армија квалитет, посветеност, како Армија којашто е составен дел на НАТО Алијансата.
Исто така би сакал да се заблагодарам на мојот колега од Владата, министерот за одбрана, на заменикот, на луѓето од Министерството, за посветената работа.
Се разбира, сакам да ја искористам оваа прилика да ја истакнам работата на началникот на Генералштабот и да се заблагодарам на неговата неуморна работа и посветеност, за да може нашата Армија да изгледа вака како што изгледа, да биде конкурентна, да биде подготвена. Сведочевте на прекрасна вежба. На сите оние старешини коишто се дел од Генералштабот, дел од единиците, и се разбира, најголема благодарност до луѓето, до војниците, коишто сето ова кое што денеска го видовте, го извршија беспрекорно.
Ние остануваме, како Влада, посветени да ги исполнуваме сите барања од страна на НАТО Алијансата.
Пред неколку дена, во посета кај нас беше главниот командант на вооружените сили на НАТО за Европа, господинот Гринкевич, којшто јасно кажа дека сите инфраструктурни проекти коишто во моментот ги движиме, вклучително и средствата коишто ги одвојуваме, претставуваат пример за многу земји членки на НАТО и тие, во нашиот случај, достигнуваат и до четири проценти, што навистина за нас претставува една цел која што ќе се обидеме, во годините коишто следат, да ја одржиме.
Четири проценти од бруто-домашниот производ, имајќи предвид дека номиналниот бруто- домашен производ во последно време расте со стапка од осум проценти и повеќе, ќе претставува предизвик, но секако ние, како Влада, имаме приоритет да инвестираме во нашата македонска Армија и да ја направиме Армијата поконкурентна, иако таа, можам да кажам, е навистина исклучително конкурентна.
Така што, еве, уште еднаш би сакал да се заблагодарам на сите учесници и, како што кажав, на сите оние коишто допринесуваат денеска македонската Армија да изгледа конкурентна вака како што е.
Ви благодарам.“
фото Влада


