Соопштение на СДСМ:
СДСМ Аеродром најостро го осудува бруталното врсничко насилство врз малолетно девојче во Аеродром. Сцените на тепање, понижување и снимање на насилството од страна на други малолетници се срам за општеството и доказ дека институциите сериозно потфрлаат во заштитата на децата.
Го повикуваме Министерството за внатрешни работи итно да го расчисти случајот и да ја утврди одговорноста на сите учесници и итно да истражи дали се точни наводите во медиумите дека полициски службеници во полициската станица во Лисиче не преземале ништо по презентирањето на видео снимката од страна на лица кои дошле да го пријават насилството? Дали е точно дека пријавувачите биле вратени со изговор дека жртвата треба сама да го пријави насилството?
Истовремено бараме одговори и од Општина Аеродром и градоначалникот Дејан Митески. Безбедноста на децата не смее да биде тема за молк и пасивност.
Каде се превентивните програми? Каде е соработката со училиштата, стручните служби и родителите?
Што презела Општина Аеродром за спречување на врсничкото насилство кое очигледно станува сè почеста појава?
Бараме итна координирана акција на сите надлежни институции, психолошка поддршка за жртвата и конкретен план за превенција на врсничкото насилство во сите училишта на територијата на Општина Аеродром.
Безбедноста на нашите деца мора да биде највисок приоритет на сите институции кои имаат надлежност во заштитата на децата.


