– Министерката за финансии Гордана Димитриеска -Кочоска, денеска одржа прес -конференција на која ги соопшти реализираните активности на Министерството за финансии во изминатите две години.
Во продолжение интегрален говор од обраќањето на министерката:
Поминаа две години од управувањето со јавните финансии. Две години, во тешки економски услови, глобални неизвесности и огромни фискалани предизвици. Но и две години во кои направивме свесен избор – избор за дисциплина, за фискална одговорност и за долгорочни решенија наместо краткорочен популизам.
Во овие две години макроекономските резултати се повеќе од јасни: Македонската економија во овој период бележи стабилно закрепнување и континуиран раст. Ако погледнеме наназад, ќе видиме дека во периодот од 2017 до 2023 година просечниот економски раст изнесуваше околу 1,8 проценти, денес имаме значително повисока динамика: 2024 – 3%, 2025 – 3,5%, 2026: стабилна позитивна траекторија на економски раст.
Инфлацијата која во 2022 година достигна 14,2 проценти и сериозно влијаеше врз животниот стандард на граѓаните, денес, и покрај продолжената глобална неизвесност и последиците од една од најголемите енергетски и економски кризи во последните децении, инфлацијата во мај изнесуваше 4,8 проценти, а проекциите за оваа година остануваат во рамките на очекуваната стабилност.
Тоа значи дека успеавме да ги амортизираме глобалните ценовни шокови и повторно да обезбедиме предвидлива економска средина.
Ова е особено важно затоа што стабилната инфлација создава услови за реален раст на платите.
Во овие две години растот на платите продолжи со силна динамика. Номиналниот раст на платите во 2024 година изнесуваше 12,6 проценти, во 2025 година 9,6 проценти, а и годинава очекуваме раст од над 8 проценти. Но, уште поважно е што по долг период граѓаните повторно имаат реален раст на примањата. По падот на реалните плати во 2022 година од 2,9 проценти, во 2024 година тие пораснаа за 8,8 проценти, а во 2025 година за дополнителни 5,3 проценти. Ова е клучен сигнал дека реалната куповна моќ се подобрува. Свесни сме за проблемите на граѓаните, ги живееме заедно и напорно работиме да ги решиме.
Има подобрување речиси кај сите статистички економски индикатори. Тоа се бројки кои ќе останат да сведочат за нашето работење.
Но, овие резултати не доаѓаат преку ноќ. Зад резултатите во економијата стои огромна работа и посветеност во Министерството за финансии во изминатите две години.
Враќањето на довербата во фискалната политика беше еден од моите лични мотиви кога ја прифатив оваа функција.
Кога ја презедов одговорноста, мој приоритет беше стабилизацијата на јавните финансии. Со ребалансот на Буџетот за 2024 година обезбедивме ликвидност, редовна исплата на плати, пензии и социјални трансфери и навремено сервисирање на обврските на државата. Тоа е приоритет кој се пресликуваше и во следните буџетски решенија, а така ќе биде и понатаму.
Во овој период сервисирани се 4,4 милјарди евра од јавниот долг, а до крајот на годината доспеваат уште 983 милиони евра. Тоа се пари кои Министерството за финансии ги обезбеди во изминатите две години за да се отплатат стари долгови. Притоа главен фокус беше како да управуваме со рочноста на овие кредити. Не е ист теретот на буџетот ако тие огромни суми како што еврообврзницата од 700 милиони евра треба да се вратат на 4, 5 или 8 години – управувањето со рочноста е клучен елемент на фискалната стабилност.
Не е исто да се отплаќаат долгови во големи износи секоја втора година или секоја година како што сега се случува, со оглед дека сите четири години доспеваат обврзници во огромни износи. Во меѓувреме редовно ги сервисиравме сите домашни и странски обврски и истовремено обезбедивме средства за најголемиот инвестициски циклус во последните години.И покрај ова големо раздолжување, обезбедивме средства за зголемени капитални инвестиции, за редовна исплата на плати, пензии и социјални права, како и за поддршка на стопанството.
Јавниот долг во првиот квартал од 2026 година изнесува 58,9 проценти од БДП, што е под нивото при преземањето на мандатот со проекциите кои ги имаше претходната влада.
Тоа е суштинската разлика во начинот на кој ги водиме јавните финансии.Ние не создаваме дефицит за тековна потрошувачка. Ние создаваме простор за инвестиции што ќе генерираат нов економски раст.
Во изминатиот период се зголеми реализацијата на капиталните инвестиции во:
• Патна инфраструктура
• Железници
• Енергетика
• Образование
• Комунална инфраструктура и
• Одбрана и безбедност.
Се гради и тоа граѓаните можат да го забележат и сами. Еден од најдобрите показатели за тоа како се менуваше економската политика во овие две години е токму буџетската политика.
Воведовме нов пристап во управувањето со јавните инвестиции. Со формирањето на Комитетот за јавни инвестиции започнавме системски да ги утврдуваме приоритетите, врз основа на јасни критериуми, финансиска одржливост и реална подготвеност на проектите. Завршува времето кога капиталните инвестиции постоеја само на хартија. Денес јавните средства се насочуваат кон проекти кои се подготвени, оправдани и носат најголема корист за државата.
Во овие две години силен акцент ставивме и на подобрување на деловното окружување. Ги усогласивме царинските стапки за 70 суровини и репроматеријали кои ги користи домашната индустрија,со оние на ЕУ со што директно ги намалуваме производствените трошоци на компаниите и ја подобруваме нивната конкурентност. Оваа мерка е резултат на директен дијалог со стопанските комори и претставува уште еден чекор кон целосно усогласување со европските царински политики.
Oбезбедивме и 250 милиони евра поволни кредити за домашните компании, со што им дадовме силна финансиска поддршка за нови инвестиции, модернизација на производството, зголемување на конкурентноста и отворање нови работни места.
Обезбедена е поддршка од околу 250 милиони евра за општински капитални проекти за локални патишта, водоводна и канализациона инфраструктура, градинки и училишта.
Овие два столба претставуваат нов модел на развој централно и локално инвестициско партнерство.
Во министерството за финансии активно се работи на ревидирање на Законот за ДДВ, Данокот на добивка и данокот на личен дохот како и на нов Царински закон, а со цел да воспоставиме поедноставен систем, поголема наплата на приходите и дигитализација на процесите и услугите
Воведен е OECD Pillar 2 системот односно донесена е соодветна законска и подзаконска регулатива за глобален минимален данок, едновремено со неговото воведување и во рамките на Европската Унија. Овој систем предвидува: 15% минимален ефективен данок за компании со добивка над 750 милиони евра и обезбедува директен буџетски приход и голем структурен ефект во насока на спречување даночна конкуренција.
Го донесовме новиот Закон за игрите на среќа и забавните игри, кој воведува повисока заштита на граѓаните, особено на младите, посилна контрола врз приредувачите, повисоки стандарди за интегритет и поефикасна борба против перењето пари. Исто така, со изменетото законско решение обезбедивме и значително поголеми приходи во буџетот преку зголемување на надоместоците за приредувачите на игрите на среќа. Ваквата одлука следи по направена анализа на состојбите на пазарот, а земајќи ги предвид зголемените профити и непроменетите надоместоци во овој сектор повеќе од 10 години.
Во периодот 2024–2026 година, значајно ја зајакнавме контролата и следењето на работата во овој сектор, што резултира со одземање на две лиценци за приредување игри на среќа и едно овластување за техничка исправност на автоматите, на предлог на Министерството за финансии. Постапувано е по повеќе поплаки од граѓани при што се преземени соодветни мерки и се побарани контроли од надлежните институции.
Истовремено подготвуваме измени и на законската рамка за финансиските друштва со кои дополнително ќе се зајакне заштитата на граѓаните и стабилноста на финансискиот сектор. Воедно, јавноста после долг период посведочи на конкретни мерки преземени од страна на министерството за финансии, тоа го потврдуваат и резултатите од извршените теренски и вонтеренски надзори во периодот од 1 јули 2024 година до 30 јуни 2026 година, во овој период беа одземени пет дозволи за работа на финансиски друштва, изречени беа глоби во вкупен износ од 2.58 милиони денари, односно околу 41.900 евра, на 18 финансиски друштва, издадени се 55 писмени наредби за отстранување на утврдени неправилности, а во еден случај беше изречена и мерка привремена забрана за вршење дејност во времетраење од 30 дена.
Докажавме дека немаме дилема кога треба да се примени законот во било која смисла.
Во извештајниот период, преку Секторот за трезор при Министерството за финансии беше обезбедено континуирано и непречено функционирање на платниот промет за буџетските корисници, со обработка на просечно околу 160.000 налози за плаќање на месечна основа, односно околу 2 милиони налози годишно. Истовремено, беа зајакнати кадровските капацитети на 17-те трезорски канцеларии, вклучително и повторното отворање на трезорската канцеларија во Гевгелија, со што се подобрија ефикасноста и достапноста на услугите.
Во согласност со новиот Закон за буџети, беа ажурирани постојните и донесени нови подзаконски акти, а преку соработка со Министерството за финансии на САД и Меѓународниот монетарен фонд беа унапредени практиките за управување со ликвидноста и владината финансиска статистика. Како резултат на тоа, Министерството за финансии започна редовно да објавува квартални и годишни податоци во базите на ММФ и Светската банка, со што се зголеми транспарентноста и усогласеноста со меѓународните статистички стандарди.
Реформите ги насочивме и кон градење посилни институции. Ја активиравме Академијата за јавни финансии, го презедовме претседавањето со Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите – ЦЕФ, а преку регионална и меѓународна соработка продолжуваме да ги унапредуваме капацитетите на јавната администрација.
Презедовме активности за зајакнување и развој на пазарот на капитал на домашно и регионално ниво, преку унапредување на соработката меѓу релевантните институции и создавање услови за нови можности за финансирање на компаниите и инвестирање.
Во насока на развој на домашниот пазар на капитал и диверзификација на изворите на финансирање, успешно продолживме со издавањето на граѓанските обврзници.
Третата емисија предизвика исклучително голем интерес, при што 1.543 граѓани инвестираа над 2 милијарди денари, односно околу 33 милиони евра – повеќекратно повеќе од првично планираниот износ. Ова е силна потврда на довербата што граѓаните ја имаат во економските политики и во државата. Претходните две емисии, во вкупна вредност од 41,1 милион евра, беа целосно и навремено исплатени заедно со пресметаната камата, потврдувајќи ја сигурноста и довербата во овој финансиски инструмент.
Паралелно, се работи на дигитализација на процесот за издавање и запишување на граѓанските обврзници, со цел тие да станат поедноставно и подостапно инвестициско решение за граѓаните.
Во периодот што следи ќе продолжиме со фискалната консолидација, со дигитализацијата на јавните финансии, со борбата против сивата економија, со подобрување на даночната администрација, со модернизација на финансискиот систем и со создавање уште подобри услови за домашните и странските инвеститори.
Во изминатите две години се соочивме и со нов глобален предизвик. Воениот конфликт на Блискиот Исток предизвика сериозни нарушувања на светските пазари, особено кај енергенсите, што создаде ризик од нов ценовен шок и дополнителен инфлаторен притисок. За да го ублажиме ценовниот шок донесовме мерки за намалување на ДДВ за нафтените деривати од 18 на 10 проценти, како и намалување на акцизата за дизелот и бензините, со цел да го намалиме притисокот врз цените на горивата, да ја ограничиме инфлацијата и да ги заштитиме граѓаните и стопанството.
Македонија е мала и отворена економија и не може да остане изолирана од глобалните случувања. Но, она што можеме и што го покажавме во овие две години е дека со навремени, одговорни и добро таргетирани политики можеме успешно да ги амортизираме последиците од надворешните кризи. Затоа и понатаму остануваме посветени на зачувување на ценовната стабилност, заштитата на животниот стандард и создавање предвидлива економска средина за граѓаните и стопанството.
Почитувани,
Посебен акцент ставивме и на спроведувањето на Реформската агенда 2024–2027, која е клучна за нашето европско интегрирање и за модернизација на јавните финансии. Реализиравме осум од вкупно 22-те чекори што досега ги исполни државата, односно 36% од сите исполнети чекори се на МФ, со што придонесовме за одобрување на 142,1 милион евра средства во рамки на Планот за раст на Европската Унија.
Донесовме нов Закон за јавна внатрешна финансиска контрола, целосно усогласен со европските стандарди, ги завршивме сите подзаконски акти од Законот за буџети, воспоставивме нов систем за управување со јавните инвестиции и ја зголемивме транспарентноста и ефикасноста во јавните набавки. Овие реформи не се само исполнување на европските критериуми, туку создаваат поефикасни институции, подобро управување со јавните средства и подобри услови за економски раст и инвестиции.
Сето ова има директно влијание на добрата макроекономската состојба во државата.
Во областа на управувањето со средствата од Европската Унија, ја комплетиравме институционалната рамка за спроведување на ИПА III повеќегодишните оперативни програми и обезбедивме 160 милиони евра неповратни грант средства, преку модалитетот на индиректно управување за ИПА. Дополнително, воспоставивме долгорочно решение за задржување и мотивација на кадарот ангажиран во управувањето со ИПА фондовите, преку обезбеден додаток на плата од 15% до 30% на основната плата.
Едновремено обезбедивме брзо надминување на прекинот на исплатите во рамки на ИПАРД III преку спроведена серија на мерки и активности од страна на Националните структури и постигнавме рекордно ниво на искористеност на средствата, со 11% реализирани исплати и 29% склучени договори, што ја позиционира државата меѓу најуспешните корисници на ИПАРД средствата.
Паралелно, започна реализацијата и успешно се завршија бројни проекти финансирани преку ИПА, насочени кон подобрување на транспортната инфраструктура, заштитата на животната средина, образованието и социјалната политика.
Во периодот 2024–2026 година, преку Централното одделение за финансирање и склучување договори (ЦФЦД) при Министерството за финансии, беа реализирани и започнати значајни ИПА проекти во областите на инфраструктурата, животната средина, управувањето со водите, образованието и социјалната политика. Со овие инвестиции се придонесува кон подобрување на јавните услуги, унапредување на квалитетот на живот, зајакнување на институционалните капацитети и забрзување на процесот на усогласување со европските стандарди.
Почитувани медиуми,
Денес со мене, покрај заменик министерот Николче Јанкуловски и државниот секретар Андриана Матлиоска, се и директорите на институциите во состав на Министерството за финансии, со кои заеднички ги реализиравме реформите и резултатите за кои ќе зборувам. Нивното присуство е потврда дека овие две години беа обележани со координирана работа, професионална посветеност и заедничка одговорност во спроведувањето на политиките.
Тука се директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, директорот на Управата за финансиско разузнавање, Кујтим Ибиши, директорката на Бирото за јавни набавки, Маре Богева директорот на Управата за имотно-правни работи, Зоран Крстановски и директорот на Државниот девизен инспекторат Африм Ќоку. Ќе споделам дел од нивните спроведени активности во изминатите две години.
Управата за јавни приходи во изминатите две години блежи континуиран и стабилен раст на приходите што е резултат на зголемената економска активност, но и на засилената ефикасност на УЈП.
Во изминатите две години преку инспекциските контроли е утврден дополнителен данок во износ од 5,2 милјарди денари, што е зголемување од над 70% во 2025 година во однос на 2024 година. Во истиот период се изречени над 13.500 глоби, а поднесени се 78 кривични пријави за сомнежи за штета врз Буџетот од околу 995 милиони денари, во споредба со само 15 пријави во претходниот период.
Паралелно со засилената контрола, УЈП спроведува длабока дигитална трансформација и унапредување на услугите. Во 2025 година беше воведена новата дигитална услуга „е-Уверение за остварен доход“. Значително е унапредено и издавањето на „Уверение за состојба на даноци“, со цел негово целосно дигитализирање. Автоматизирани се клучни делови од процесот за поврат на ДДВ, со што се забрзува обработката и се намалува административниот товар.
Во насока на модернизација на системите, спроведено е спојување на порталите за даночни пријави и подобрени се контролите за поврат по годишни даночни пријави. Овозможено е и поднесување на пријави согласно новата регулатива за минимален глобален данок, како и имплементација на софтвер за новиот модел на работно ангажирање на лица.
Клучен сегмент е и воспоставувањето на систем за управување со ризици на даночна усогласеност, дополнително, развиен е интерен аналитички софтвер кој автоматски ја пресметува ризичноста на ДДВ пријавите врз основа на 18 критериуми, со што значително се зголемува објективноста и брзината на одобрување на повратите.
Во делот на институционалните и ИКТ капацитети, реализирана е најголемата поединечна инвестиција во историјата на УЈП – 2,6 милиони евра за ИКТ инфраструктура и сајбер безбедност, со што за првпат е воспоставена секундарна локација и обезбедена повисока стабилност, сигурност и континуитет во работењето.
Во тек е и реформа „е-УЈП“ – нов интегриран даночен систем.
Проектот „е-Фактура“ е во напредна фаза – се спроведуваат обуки, презентации и тестирања со компании. Овој систем ќе овозможи целосна дигитална трага на трансакциите, поефикасна наплата на приходи, намалување на сивата економија и значително поедноставување на работењето на стопанството.
Царинска управа реализираше значителен напредок во сите клучни сегменти од своето работење, со директен придонес кон зајакнување на фискалната стабилност, безбедноста и економската отпорност на државата. На оперативен план се зајакнати капацитетите за контрола и сузбивање на нелегални активности, при што се спречени над 2.700 обиди за нелегални дејствија, со што е значајно придонесено за заштита на државната сигурност и интегритетот на царинскиот систем.
Во истиот период се евидентирани околу 950 случаи на заплени, што укажува на засилена теренска активност и подобрена ефикасност во откривањето на недозволени стоки и прекршувања. Во делот на истражните капацитети, во втората половина од 2024 година се поднесени 70 кривични пријави, што претставува речиси 80 проценти од вкупно поднесените пријави во таа година, додека во 2025 година е забележано дополнително засилување на активностите со поднесени 213 кривични пријави, што е петкратно зголемување во однос на годишниот просек во периодот 2017–2023 година.
Вкупно, од почетокот на мандатниот период, преку Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, поднесени се 374 кривични пријави против 854 физички лица и 283 правни лица, што ја потврдува засилената и континуирана борба против организираниот и економскиот криминал. Во реформскиот сегмент, со средства од државниот Буџет, грант средства од Европската Унија и Република Кореја, како и финансиски средства од Светска банка, се реализираат проекти со вкупна вредност од околу 30 милиони евра, насочени кон унапредување на институционалните капацитети, зголемување на конкурентноста на македонската економија и забрзување на интеграцијата во единствениот пазар на Европската Унија.
Во тек е реконструкција и модернизација на граничните премини Ќафасан, Деве Баир, Делчево, Клепало и Маркова Нога, со цел унапредување на инфраструктурните и техничките услови за побрз и поефикасен проток на патници и стока, зајакнување на безбедносните и контролни стандарди, како и приближување на граничното работење кон европските практики и стандарди.
Управата за финансиска полиција во изминатите две години значително ги засили активностите во борбата против финансискиот криминал, со фокус на заштита на јавните финансии, спроведување финансиски истраги и откривање на незаконски стекнат имот. Во овој период беа поднесени 83 кривични пријави против 222 физички и 84 правни лица, како и 405 известувања до надлежните јавни обвинителства, при што е утврдена вкупна финансиска штета и противправна имотна корист во износ од над 5,5 милијарди денари.
Истовремено, значително е зголемена примената на финансиските истраги, како клучен инструмент за откривање и одземање на незаконски стекнат имот, а по стапувањето во сила на Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, Управата активно ги применува и новите механизми за обезбедување и конфискација на имот. Овие резултати ја потврдуваат нашата определба за бескомпромисна борба против финансискиот криминал, заштита на буџетските средства и јакнење на владеењето на правото.
Управата за финансиско разузнавање во изминатите две години значително го зајакна националниот систем за спречување на перење пари и финансирање на тероризам преку усогласување со европските и меѓународните стандарди. Беа усвоени Националната проценка на ризик и новата Национална стратегија, донесени се законски измени и акциски планови за исполнување на препораките на MONEYVAL, а посебен фокус беше ставен на новите ризици поврзани со крипто-средствата.
По спроведени надзори на Управата за финансиско разузнавање, поради непостапување согласно одредбите поврзани со обврската за пријавување сомнителни трансакции, во 2024 година на една банка е наплатена глоба во вкупен износ од 46.000 евра. Во 2025 година поради истите неправилности наплатени се глоби од три субјекти, две банки и едно финансиско друштво, во износ од 80.500 евра.
Покрај финансиските санкции, во 2024 година беа изречени и корективни мерки со препораки за отстранување на утврдени недостатоци кај вкупно четири субјекти, и тоа една банка, едно лизинг друштво, еден приредувач на игри на среќа во казино и еден приредувач на игри на среќа во обложувалница.
Бирото за јавни набавки во изминатите две години направи значаен исчекор во модернизацијата и дигитализацијата на системот за јавни набавки. Го надградивме Електронскиот систем за јавни набавки со нови функционалности кои ги поедноставуваат постапките, ја намалуваат административната работа и обезбедуваат поголема ефикасност и транспарентност.
Посебно значаен резултат е интеграцијата на податоците за вистинските сопственици на компаниите во системот за јавни набавки. Денес, кај над 99 проценти од повеќе од 19 илјади објавени договори, овие информации се јавно достапни, што претставува силен механизам за зголемување на отчетноста и спречување на злоупотребите.
Истовремено, го зголемивме користењето на е-Пазарот за набавки од мала вредност, го унапредивме системот за следење на ризици преку индикаторите за „црвени знаменца“, а реформите во јавните набавки добија позитивна оценка и од Европската комисија и од Светска банка.
Управата за имотно-правни работи во изминатите две години постигна значителен напредок во забрзувањето на управните постапки и реализацијата на капиталните проекти. По надминувањето на затекнатиот застој, динамиката на решавање на предметите за приватизација на градежното земјиште беше повеќекратно зголемена, при што од јули 2024 до јуни 2026 година се донесени околу 20 илјади решенија.
Истовремено, Управата имаше клучна улога во реализацијата на стратешките инфраструктурни проекти преку спроведување на над 5.700 постапки за експропријација, со што директно придонесе за забрзување на изградбата на Коридорите 8 и 10-д, автопатот Кичево–Охрид, како и на бројни локални и енергетски проекти. Паралелно со оперативните активности, работевме и на унапредување на законската рамка и поедноставување на постапките, со цел поефикасни услуги за граѓаните и побрза реализација на инвестициите.
Но, свесни сме дека реформите не завршуваат овде.
Нашата визија останува непроменета – силни институции, стабилни јавни финансии, конкурентна економија и повисок животен стандард за секој граѓанин.
Две години покажавме дека можеме да управуваме одговорно. Дека можеме да носиме тешки, но исправни одлуки. Дека можеме да градиме систем наместо да решаваме проблеми од ден за ден. Тоа е правецот по кој ќе продолжиме и во наредниот период – со уште повеќе инвестиции, уште повеќе реформи и уште посилна економија.
фото Министерство за финансии


