Иран и САД се согласија да ги запрат неодамнешните судири во Персискиот Залив и да ги продолжат разговорите за спорот околу Ормускиот теснец, потврди во неделата американски функционер, зголемувајќи надежи дека привремениот мировен договор би можел да се одржи и покрај притисокот од меѓусебните напади во последните денови.
„Договорено е да се продолжат техничките преговори за сите делови од меморандумот за разбирање. Двете страни засега ќе се повлечат, а бродовите ќе можат слободно да се движат“, рече функционерот, осврнувајќи се на меморандумот за разбирање од 14 точки од 17 јуни, со кој Ормускиот теснец би останал отворен за сообраќај.
Разговорите треба да продолжат во вторник во Катар, објави Аксиос, цитирајќи неименуван висок американски функционер.
Двете страни ќе се вратат на дипломатијата по деновите напади и контранапади откако иранска ракета погоди товарен брод во Ормускиот теснец во четвртокот. Во меѓувреме, САД и Иран се обвинуваат меѓусебно за кршење на привременото примирје договорено на 17 јуни.
Иран лансираше ракети и беспилотни летала врз американските воени бази во Кувајт и Бахреин во неделата, кратко откако Доналд Трамп се закани дека ќе го уништи целото иранско раководство доколку Техеран не се придржува до договорот за прекин на војната. Бахреин го повика Советот за безбедност на ОН да одржи итен состанок и да го повика Иран на одговорност.
Израел објави во неделата дека повторно нападнале членови на Хезболах во Либан, уништувајќи ја подземната инфраструктура што ја користи милитантната група во село на југот на земјата. Во саботата, израелските сили го извршија својот прв напад по последниот договор за прекин на огнот постигнат со Либан во петокот. Иран го постави прекинувањето на конфликтот во Либан како услов за спроведување на поширок мировен план./Извор:Makfax


