Centar.mk
фото МВР
-МАКЕДОНИЈА

Тошковски: К9 капацитетите се еден од клучните сегменти во регионалниот систем на безбедност

Денеска (26.06.2026) министерот за внатрешни работи Панче Тошковски присуствуваше на официјалното затворање на Регионалниот специјализиран квалификациски курс за К9 единици, организиран во рамките на проектот „Поддршка на националните власти на Република Северна Македонија во намалување на ризикот од пролиферација на оружје и злоупотреба на мало и лесно оружје“, што се одржа во Кампот за обука во Лазарополе.

Во своето обраќање, министерот Тошковски истакна дека современите безбедносни закани се повеќе ги надминуваат националните граници и дека ниту една држава не може самостојно да се справи со предизвиците поврзани со организираниот криминал, нелегалната трговија со оружје и криумчарењето дрога.

„Безбедноста мора да остане наша заедничка одговорност, а соработката – наш најсилен инструмент. Овој курс претставува јасен пример за обединување на знаењето, искуството и професионалните капацитети на институции и експерти од различни земји“, нагласи министерот Тошковски.

Тој додаде дека проектот за намалување на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје претставува инвестиција во долгорочна безбедност, институционална зрелост и професионални стандарди, при што Министерството за внатрешни работи не настапува само како корисник на поддршката, туку и како активен и рамноправен партнер во неговата реализација.

Министерот потенцираше дека организацијата на ваков регионален специјализиран курс претставува важен исчекор во остварувањето на долгорочните стратешки цели на Министерството.

„Нашата визија е јасна – континуирано унапредување на капацитетите на К9 единиците и нивно позиционирање како еден од клучните сегменти во регионалниот систем на безбедност. Стратешка определба е Министерството за внатрешни работи да биде препознаено како регионален центар за експертиза, обуки и активности во областа на развој и примена на К9 капацитетите за откривање оружје, експлозиви и други безбедносни закани“, истакна Тошковски.

Тој упати честитки до учесниците за професионалноста, дисциплината и посветеноста, нагласувајќи дека резултатите од обуката уште еднаш ја потврдуваат важноста на специјализираните единици и службените кучиња како незаменлив сегмент во превенцијата и откривањето на нелегални активности.

На крајот, министерот Тошковски изрази благодарност до Мисијата на ОБСЕ, проектниот тим, меѓународните партнери и донаторите – САД, Германија, Франција, Белгија, Норвешка, Словачка и Европската Унија – за нивната континуирана поддршка и доверба.

„Со заокружувањето на овој курс не само што ги унапредивме професионалните капацитети, туку изградивме и посилна доверба, нови партнерства и цврсти темели за идната регионална и меѓународна соработка. Во време на сложени безбедносни предизвици, нашата најсилна одбрана останува партнерството“, порача министерот Тошковски.

Амбасадорот на ОБСЕ, Килиан Вал, истакна: „Овој курс е за практична безбедност за регионот и Европа. Подобро обучени полициски сили значат помалку нелегално оружје на улиците и придонес кон безбедноста на сите луѓе.“

Министерот за одбрана Владо Мисајловски изрази благодарност до Мисијата на ОБСЕ за континуираната поддршка за развој на националните безбедносни капацитети и нагласи дека овој курс претставува пример за градење безбедност во современи услови на сложени геополитички предизвици.

Тој додаде дека здружувањето на знаењето, ресурсите и капацитетите на повеќе институции е повеќе од неопходно, доколку се сака одржлива безбедност.

„Министерството за одбрана и Армијата со задоволство дадоа свој придонес во оваа обука. На курсот учествуваа пет припадници на Армијата, меѓу кои инструктори, водачи на службени кучиња од Воената полиција и специјалисти од Центарот за одгледување и дресура на службени кучиња, заедно со две специјално обучени кучиња за откривање оружје, муниција и минско-експлозивни средства. Нивното учество претставува потврда дека Армијата е не само гарант на одбраната, туку и активен партнер во зајакнувањето на безбедноста преку соработка со сите релевантни институции“, рече Мисајловски.

фото МВР