Постојат простори што не можат да се измерат со далечини, ниту да се опфатат со поглед. Простори што живеат во зборот, во сеќавањето, во мигот кога поезијата го отвора патот кон невидливото. Токму во таков простор – бесконечен, таинствен и повеќезначен – Зоран Анчевски ги поведе читателите со својата нова поетска збирка „Длабок простор“, која беше промовирана вчеравечер (16 јуни), во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.
Во суштината на новата поетска збирка на Анчевски, објавена од „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, нурнаа промоторката Лидија Капушевска-Дракулевска и уредничката Оливера Ќорвезироска. Публиката имаше можност подлабоко да го доживее поетскиот свет на книгата и преку интерпретациите на избрани стихови од Биљана Стојановска и авторот.
„Длабок простор“ е ново поетско истражување на Анчевски, кој важи за еден од најзначајните современи македонски поети. За симболиката на насловот и за повеќеслојното значење на „длабокиот простор“, Анчевски вели:
„Иако синтагмата ‘длабок простор’ е влезена во јазикот да ја означува бесконечноста на вселената (deep space), т.е. на макропросторот, јас во книгата се обидувам да ја подигнам на рамниште на повеќезначен симбол. Така, длабокиот простор го согледувам и во просторот што непосредно нè опкружува, т.е. во микропросторот, без оглед дали се работи за урбан или за природен простор. Го барам и во најсекојдневните нешта што честопати ги пренебрегнуваме и воопшто не им обрнуваме внимание… Го барам и во нас самите, во нашето физичко и духовно битисување, во нашата миговност и вечност – едновремено. Се разбира, јазикот е еден посебен вид длабок простор кој во себе ги крие заборавените тајни на нашето првобитно битие, и затоа во книгата има добиено посебен третман. Притоа се обидувам да ги подријам и да ги измешам стандардно поставените двонасочни релации, какви што се: надвор – внатре, горе – долу, минато – сегашност, стварност – сон, факт – метафора“, рече Анчевски.
Лидија Капушевска Дракулевска темелно се осврна на најдлабоките и најсуптилните аспекти на поетското творештво на Анчевски видено конкретно низ стиховите на најновата книга. Таа ја подвелече исклучителната конструкција на збирката, „математички прецизната“ организација на книгата со пролог (проложни прашања) 5 циклуси и завршна песна – кода, којашто станува препознатлива за Анчевски како завршеток, акцент, заокружување на поетското зад коешто стои, како „одговор“, како „врв“, како „песна над песните“ во најубавата смисла на зборот.
Оливера Ќорвезироска во кусиот разговор со авторот, акцентот го стави на сè позначајното присуство на реторското прашање во неговата поезија, особено во најновата книга, нарекувајќи го Анчевски „кралот на реторското прашање“ во современата македонска поезија, со јасна алузија на „принцот на метафората“ како скаменета фраза за претставување на Радован Павловски.
Промоцијата течеше како и самата книга: започна со читање на проложните прашања (првата песна од збирката) и заврши со едно прекрасно, дијалошко натчитување на Биљана Стојановска и на Зоран Анчевски, коешто заврши со кодата во впечатлив прочит на авторот.
„Длабок простор“ е десетта поетска збирка на Зоран Анчевски. Таа продолжува таму каде што завршуваат неговите претходни книги, но истовремено отвора нови патишта и поетски предели во кои песната скршнува и понира, за повторно да се врати уште попрецизна, побогата и подлабока, како што сугерира и самиот наслов. Таа се најде во најтесниот избор, во првите пет збирки, за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и наскоро ќе биде претставена на самиот фестивал.
„Длабок простор“ е втора книга на Анчевски објавена во издание на „Арс Ламина“, по наградуваната поема „Коњски житија“, која ги доби наградите „Григор Прличев“ за поема и „Ацо Шопов“ на најдобра поетска збирка на Друштвото на писателите на Македонија.
Книгата „Длабок простор“ е достапна во поголемите книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.


