Собранието ги усвои измените на Законот за игрите на среќа со кои се воведуваат построги правила за работењето на казината и обложувалниците, како и дополнителни механизми за заштита на младите и спречување на злоупотребите во секторот.
За законските измени гласаа 59 пратеници, додека деветмина беа против.
Една од најзначајните новини е обврската казината да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Со оваа мерка се настојува да се намали изложеноста на младите на игрите на среќа и да се ограничи нивното влијание во непосредна близина на образовните установи.
Новите одредби предвидуваат и забрана за рекламирање на излозите на коцкарниците, како и ограничувања за рекламни пораки што го претставуваат коцкањето како средство за брзо збогатување, личен успех или финансиска сигурност.
Во насока на засилување на контролата, секој апарат за игри на среќа ќе мора да биде опремен со GPS-систем за локација, што ќе овозможи континуиран надзор од страна на Управата за јавни приходи. Дополнително, се укинува можноста за мултиплицирање на лиценците, а се воведуваат и нови финансиски обврски за отворање на уплатно-исплатни места.
Од Владата оценуваат дека измените ќе придонесат за поголема транспарентност во работењето на приредувачите на игри на среќа, поефикасна контрола на секторот и посилна заштита на граѓаните, особено на младата популација.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


