Утре, на 6 јуни, во Diamond Mall, љубителите на музиката, колекционерите на винилни изданија, аудиофилите и сите кои сакаат да ја почувствуваат магијата на аналогниот звук ќе имаат единствена можност да бидат дел од Интернационалниот саем на музика, винил и аудио опрема, настан кој на едно место ги обединува музичката култура, колекционерството, издаваштвото и најсовремената аудио технологија.
Во текот на целиот ден, почнувајќи од 10.00 до 22.00 часот, посетителите ќе можат да истражуваат богата понуда на винилни плочи, компакт дискови, музички сувенири, ретки и колекционерски изданија, како и аудио опрема претставена од 27 учесници од Македонија, Србија, Грција, Германија, Италија, Бугарија и Холандија. Саемот претставува ретка можност за директна средба и размена меѓу колекционери, издавачи, музичари и љубители на музиката од регионот и Европа.
Посебна вредност на настанот му дава богатата програма исполнета со промоции, разговори и потпишувања на албуми, каде посетителите ќе имаат можност непосредно да се сретнат со автори, музичари и издавачи. Ќе бидат претставени десетици домашни изданија, од современа македонска продукција до култни албуми кои оставиле траен белег на музичката сцена, вклучувајќи го и премиерно преслушување на тест принтови од првото винил издание на албумот „Игри без граници“ на нашата најголема музичка ѕвезда Тоше Проески.
Во текот на денот, атмосферата ќе ја збогатуваат настапите на селектирани диџеи од Македонија, Србија, Грција и Бугарија, кои ќе понудат музичко патување низ различни жанрови и епохи, претворајќи го саемот во вистински фестивал на музичката култура.
Посетителите ќе можат да ја разгледаат и изложбата на канвас фотографии и оригинални врамени текстови од историјата на македонската рок сцена, додека покрај изложбениот дел на аудио опрема, ќе бидат организирани презентации за процесот на производство на винилни плочи, вклучително и видео презентација на фабриката Sony во Австрија, како и претставување на европски издавачки куќи кои активно работат на зачувување и развој на винилната култура.
Дополнителна содржина ќе понудат панел-дискусијата „Музичко издаваштво во Македонија – Лет во место?“ и музичкиот квиз, кои отвораат простор за разговор, размена на идеи и дружење меѓу сите генерации љубители на музиката.
Ги покануваме сите љубители на музиката да бидат дел од ова уникатно музичко доживување и да уживаат во целодневна програма исполнета со звук, приказни, колекционерски богатства и незаборавни средби.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


