Асоцијацијата за менаџмент консалтинг – МКА 2000 го прослави Меѓународниот ден на консултантите со панел дискусија за улогата на консалтингот во развојот, иновациите и трансформацијата предизвикана од вештачката интелигенција. Во InnoX Innovation Center Skopje разговараа консултанти и претставници од бизнисот и јавниот сектор, обединувајќи се околу практичните примери, професионалните стандарди и можностите за соработка.
Извршната директорка на МКА 2000, Валерија Соколова – Стојановска, во своето воведно обраќање ја постави дебатата во контекст на брзите технолошки промени и потребата организациите да се адаптираат преку стручна поддршка. Таа нагласи дека менаџмент консалтингот веќе не е само советодавна услуга „туку партнерство што поттикнува раст, конкурентност и организациска отпорност.“
Соколова-Стојановска додаде дека консултантите имаат клучна улога во препознавање на можностите за иновации и оптимизација на процесите и посочи дека „особено во ерата на вештачката интелигенција тие стануваат мост меѓу технологијата, лидерството и практичната примена во организациите.“ МКА 2000 повика и на поголема соработка меѓу консултантите, бизнисот и институциите.
Главната панел-дискусија, насловена како „Менаџмент консалтингот како двигател на раст, иновации и AI трансформација“ ги опфати темите за дигитална трансформација, воведување AI решенија во деловните процеси, развој на нови деловни модели и унапредување на институционалните капацитети. Панелистите, меѓу кои експерти за дигитализација, менаџмент и иновации, ги споделија своите искуства од имплементација на проекти во приватниот и јавниот сектор, при што се нагласи потребата од јасни стратегии, обуки и практични алатки за управување со промени. Во дискусиите се анализираа конкретни предизвици при воведување на вештачката интелигенција и начини за интеграција на новите технологии, без да се загрози етичката и регулаторната рамка.
МКА 2000 потпиша и Меморандум за соработка со АД Аеродроми Македонија, што беше оценето како значаен чекор кон зајакнување на институционалната соработка и размена на професионално знаење. Директорот на АД Аеродроми Македонија, Игор Трајановски, при потпишувањето, го опиша меморандумот како практичен и стратешки потег: „Овој меморандум го гледаме како важен чекор кон зајакнување на институционалната соработка, размена на професионално знаење и отворање нови можности за развој.“
Трајановски нагласи дека соработката ќе придонесе за унапредување на институционалните капацитети, дигитализацијата и професионалниот развој и дека партнерството ќе се реализира преку обуки, работилници и заеднички проекти насочени кон стратешко планирање и одржлив развој.
Учесниците посветија внимание и на прашања поврзани со етичката употреба на вештачката интелигенција, управувањето со податоци и потребата од јасни регулативи кои ќе овозможат иновации без компромитирање на транспарентноста и довербата. Присутните компании и институции разменија примери за успешни практики а консултантите презентираа методологии за оптимизација на процеси, мерење на ефектите од трансформацијата и модели за одржлив раст.
МКА 2000, како организатор, ја потврди својата заложба за промоција на професионалноста, етичките стандарди и развој на консултантската професија, со порака дека со заеднички напори може да се унапреди конкурентноста на компаниите и институциите и да се обезбеди одржлив економски развој.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


