На 6 јуни во Драмски театар Скопје, Хартефакт, во соработка со Skopje Pride Weekend и Коалиција МАРГИНИ, го претставува меѓународно признатиот перформанс „Без извинувања!“ (No Apologies!) на британската уметница Ема Франкланд. Настанот е дел од балканската турнеја, која низ регионот создава простор во кој се вкрстуваат театарот, музиката и различните искуства на припадност и идентитет.
Инспириран од легендарниот MTV Unplugged концерт на групата Нирвана од 1993 година, „Без извинувања!“ истовремено е концерт, театарска претстава и лично сведоштво. Создадено и изведено од Ема Франкланд, делото спојува жива музика, перформанс и автобиографско раскажување во моќно сценско искуство. По успешното претставување на Фестивалот Единбург во 2025 година, каде што ги доби наградите Bragi Award for Creativity and Artistic Excellence и Besties Award for New Writing, претставата продолжува со меѓународна турнеја.
За генерациите што растеа во деведесеттите, музиката на Нирвана претставуваше повеќе од саундтрак, таа беше простор за препознавање, отпор и обликување на сопствениот идентитет. Но што ако една од најголемите икони на таа генерација ја замислиме поинаку? Што ако Курт Кобејн бил транс жена? „Без извинувања!“ тргнува од оваа спекулативна премиса, преиспитувајќи ги културните митови и колективните сеќавања што нè обликуваат, како и искуствата и перспективите што честопати остануваат надвор од доминантните наративи.
Со енергијата на концерт и интимноста на лично сведоштво, претставата создава интензивно и емотивно искуство што не се задржува на носталгија, туку го користи наследството на една култна музичка ера за да постави прашања за видливоста, припадноста и начинот на кој ги градиме сопствените приказни. Перформансот се потпира на квир меморија и одживеано транс искуство, нудејќи нов поглед кон наследството на една генерација и нејзините културни херои.
Балканската турнеја не се состои само од изведби, туку и од средби со локалните заедници и простори за разговор и размена. Како дел од неа, на сцената настапува и бенд составен од музичари и музичарки од регионот, внесувајќи нови локални гласови во секоја изведба и правејќи ја секоја средба со публиката единствена.
Гостувањето е организирано од Хартефакт, во продукција на Marlborough Productions и со поддршка од British Council. Балканската турнеја е поддржана од програмата Art in Action на British Council, која има цел да ги зајакне врските помеѓу Западен Балкан и Обединетото Кралство преку креативна и културна соработка.
Влезот е бесплатен со претходна регистрација.
Резервација на билети: officenm@heartefact.org
Предмет: Регистрација за Без извинувања!
Рок за регистрација: 5 јуни 2026, 20:00 часот.
- 6 јуни 2026 (сабота)
- 20:00 часот
- Драмски театар Скопје
- Бесплатен влез со претходна регистрација
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


