Големата акција на „Матица македонска“, „Мисли на македонски, читај домашно“, организирана од „Матица македонска“ по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св.и Методиј, и во рамките на одбележувањето на 35 години од основањето на првата издавачка куќа во самостојна Македонија, денес завршува со голема донација за СОУ Гимназија „Јосип Броз – Тито“ – Битола.
Во духот на пораката со која беше осмислена целата акција, „Матица македонска“ ќе подари книги за сите одлични ученици во гимназијата, со цел македонската книга да стигне токму до оние кај кои се препознава знаењето, трудот, љубопитноста и идниот интелектуален потенцијал. На тој начин завршницата на акцијата не е само потсетување на последниот ден од попустите, туку и симболичен чин на враќање на книгата таму каде што таа има најдлабока смисла – меѓу учениците, во училиштето и во просторот во кој се создаваат новите читатели.
Изборот донацијата да биде наменета за битолската гимназија „Јосип Броз – Тито“ има и посебно значење за „Матица македонска“. Токму во оваа гимназија учел основачот на издавачката куќа, истакнатиот поет, книжевен критичар, преведувач и есеист Раде Силјан. Затоа оваа донација е и гест на почит кон училиштето што е дел од неговата лична и интелектуална биографија, но и кон образовната традиција од која произлегле многу значајни личности за македонската култура, наука, јавен живот и општество.
Гимназијата „Јосип Броз – Тито“ во Битола е една од најстарите и најреномираните средношколски институции во Македонија. Според податоците од нејзиниот историјат, денешната гимназија започнала да работи во 1892 година како нижа гимназија, а низ нејзините клупи поминувале ученици од целиот тогашен Битолски вилает. По ослободувањето, на 6 февруари 1945 година, гимназијата започнала со редовна настава на македонски јазик, со решение на Народната влада на Демократска Федеративна Македонија.
Минатата година, битолската гимназија одбележа 80 години настава на современ македонски јазик, што дополнително ја нагласува нејзината улога во образовната, јазичната и културната историја на Македонија. Во јавните обраќања по повод јубилејот беше истакнато дека на првиот час се рецитирале Миладинов и Рацин на македонски јазик, според стандардите што ги пропишал Блаже Конески, а училиштето беше означено како една од важните институции во кои се градела и се пренесувала свеста за македонскиот јазик, знаење и идентитет.
Низ својата долга историја, гимназијата дала голем број истакнати личности. Во нејзиниот историјат се наведуваат академици, народни херои, професори, писатели, уметници, научници, лекари, архитекти, правници и јавни дејци, меѓу кои и имиња како Коле Чашуле, Владо Камбовски, Анте Поповски, Петре М. Андреевски, Живко Попов, Фанула Папазоглу и други. Меѓу поранешните ученици кои биле прогласени за народни херои се наведуваат Стив Наумов, Мирче Ацев, Кузман Јосифовски – Питу, Страшо Пинџур, Елпида Караманди и Борка Талевски. Меѓу двете светски војни, во оваа гимназија е основано и функционално македонското книжевно друштво „Св. Кирил и Методиј“ раководено од Борка Талески и Иван Антоновски-Даскалот, коешто е клучнто македонистичко јадро до подигнувањето на Народното востание на 11 октомври 1941 година.
Токму затоа завршницата на акцијата во ова училиште има поширока симболика: македонската книга им се подарува на ученици од гимназија со длабока образовна традиција, со богата културна меморија и со силна врска со македонскиот јазик. Намерата е книгата да биде признание за успехот, но и поттик за натамошно читање, размислување и градење личен однос кон македонската литература, историја, култура и јазик.
Акцијата „Мисли на македонски, читај домашно“ во изминатите денови опфати повеќе сегменти: попусти на стотици наслови од македонски автори, активности за доближување на книгата до најмладите читатели, средби со автори, како и иницијативи насочени кон поголема достапност на значајни изданија од македонската книжевност за деца и млади. Во изборот беа вклучени романи, поезија, раскази, драми, есеистика, книжевна критика, монографии, книги за македонскиот јазик и изданија посветени на македонската историја.
Денес е последниот ден од акцијата. Читателите уште денес можат да ја искористат можноста да набават стотици избрани наслови од македонски автори со попуст од 35%, во книжарниците на „Матица македонска“ и преку веб-страницата www.matica.com.mk.
Со завршната донација за одличните ученици од битолската гимназија, „Матица македонска“ ја заокружува акцијата онака како што и ја започна – со порака дека македонската книга не е само предмет на продажба, туку културна вредност што треба да се пренесува, да се подарува, да се чита и да се носи во секој македонски дом. Да се мисли на македонски значи да се чита домашно, но и да се вложува во оние што ќе ја продолжат иднината на македонскиот јазик и македонската книга.
Матица македонска
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


