Centar.mk
-ЛОКАЛНО

Герасимовски: На 9 Мај „Нож и виљушка на европска чинија“, гастрономија, музика и дружење во Центар

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на денешната прес-конференција ги покани граѓаните на традиционалниот целодневен настан „Нож и виљушка на европска чинија“, кој ќе се одржи на 9 мај во Паркот на Франкофонија, со почеток во 12 часот.

Тој посочи дека станува збор за симболичен датум, Денот на Европа, кој годинава Центар го одбележува и преку оваа манифестација, во присуство на претставници на земјите членки на Европската Унија во земјава, кои се поканети на настанот.

„Ова е настан што прерасна во убава традиција. Со години наназад во овој парк се дружиме, запознаваме различни култури и уживаме во гастрономија од целиот свет. Во сабота ќе има забава и изненадувања за сите генерации, добра храна и добра музика. Очекувам одлична атмосфера, многу посетители и ден исполнет со позитивна енергија“, рече Герасимовски.

Тој додаде дека настанот е дел од пошироката културна програма на Општина Центар, која континуирано се развива и се збогатува.

„Буџетот за култура бележи значително зголемување, од 3 милиони денари кога ја презедов функцијата како градоначалник, на 13 милиони лани, а оваа година достигнува 25 милиони денари. Овие средства се директна поддршка за уметниците, домашното творештво и културниот живот во општината“, истакна Герасимовски.

Тој потсети дека во изминатите пет месеци Општина Центар реализираше бројни културни активности, меѓу кои „Центарски улици 4“, одбележување на Светскиот ден на поезијата и Светскиот ден на уметноста, тематски прошетки низ историјата и архитектурата на градот, роденденот на Горан Стефановски, концерти и многу други содржини.

Герасимовски најави богата културна програма, со низа настани и концерти на отворено, со што ќе се одбележи јубилејот, 50 години од постоењето на локалната самоуправа.

Можеби ќе ве интересира

СДСМ: Европа не може да прими во членство организирана криминална група како ВМРО

C +

Тошковски: Новата шалтер сала во МТВ – побрзи услуги и подобри услови за граѓаните и вработените

C +

Трагедија: Му се слошило, па со автомобилот излетал од патот – почина возач

ДЕСК