За надминување на метежот на границите со Грција по воведување на новиот систем за влез/излез од земјите членки на ЕУ се водат разговори во Европската Унија, кажа денес премиерот Христијан Мицкоски по панихидата за Гоце Делчев во црквата Св. Спас во Скопје. Одговарајќи на новинарско прашање дали за македонските граѓани ќе има олеснувања по примерот на оние за граѓаните на Велика Британија и Србија кои се ослободени од биометриски проверки, премиерот Мицкоски повика летните одмори Македонците да ги поминуваат дома ако толку е проблем метежот на границите со Грција за време на летото.
„Јас не би коментирал премногу за тој начин на однесување. Имаме одредени разговори во рамките на Европската Унија како би се надминало тоа, но ако претставуваат проблем летните годишни одмори, имаме прекрасни езера, имаме прекрасни планини, имаме прекрасни места во Македонија. Јас ги повикувам македонските граѓани да ги поминат своите летни одмори на македонските планини и езера, во македонските села затоа што имаме прекрасни села и сами треба да си ја чуваме зашто резерва татковина немаме“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Туристичката комора при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) пред нешто повеќе од десет дена поднесе официјално барање до Министерството за туризам на Грција привремено да ги одложи биометриските проверки и за македонските државјани во период од први јуни до први септември. Истиот ден кога Туристичката комора извести дека барањето е поднесено официјално, вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, рече дека прашањето за привремено суспендирање на биометриските проверки за Македонците кои патуваат во Грција не е само техничко туку и политичко прашање, но не кажа што власта презема за да се надмине проблемот со метеж на границите оти, како што рече, негова цел е работата да биде завршена без да се прави маркетинг или политика, како што правеле неговите колеги од регионот и му наштетувале на процесот. Српските политичари ја известуваа јавноста за речиси секој преземен чекор за суспендирање на системот за биометриски проверки за нивните граѓани поради огромниот интерес за патување во оваа земја, а изминатиот викенд Грција им го одобри барањето./Извор:Makfax


