СВР Струмица-ОВР Гевгелија до Основното јавно обвинителство Гевгелија поднесе кривична пријава против Р.Р.(62) од Стар Дојран, поради постоење основано сомневање дека сторила кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот закон. Пријавената како директор во Јавното претпријатие за стопанисување со јавен, деловен и паркинг простор од Стар Дојран, во временскиот период од 10.04.2025 година до 28.01.2026 година со пречекорување на границите на своите службени овластувања и обврски, сторила повреда на повеќе одредби од законски, подзаконски акти и договори.
Имено пријавената на 10.07.2024 година по претходно спроведена постапка за јавна набавка склучила договор со правен субјект од Скопје за набавка на електронски систем за наплата на паркинг услуги на подрачје на општина Стар Дојран.
На 10.04.2025 пријавената побарала од правното лице од Скопје да пушти систем за наплата на три јавни паркиралишта – паркинг зони во Стар Дојран, меѓу кои и за паркинг зоната за која знаела дека не е добиено позитивно мислење или согласност за сообраќајниот проект од надлежните институции. На овој начин преку вршење наплата на паркинг услуги на ова паркиралиште овозможила Јавното претпријатие за стопанисување со јавен, деловен и паркинг простор од Стар Дојран да се стекне со противправна имотна корист во износ од околу 240,000 денари на штета на поголем број на физички лица.


