Centar.mk
КУЛТУРА

Утре ќе биде промовиран „Немам страв“ – психолошкиот трилер што отвора ново поглавје за современата македонска книжевност

Утре (7 април), со почеток во 19:19 часот, во салонот „19:19“ во Културно-информативниот центар – Скопје ќе биде промовиран романот „Немам страв“ од Трајче Стамески. Како што веќе е нагласено, конечно, со овој роман, современата македонска книжевност доби психолошки трилер каков што досега немаше. Дело од македонски автор коешто со своите квалитети е рамо до рамо со најдобрите психолошки трилери што до македонската читателска публика доаѓаа само преку преводната литература, а го објави „Панили“.

Промотори на романот ќе бидат Венко Андоновски и Весна Мојсова-Чепишевска, а извадоци ќе читаат студенти на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. А тука ќе бидат и не малиот број први читатели на овој роман за границата меѓу фантазијата и вистината – книга за храброста да се измисли смисла пред лицето на заборавот и за етичката одговорност што ја носи допирот со туѓата интимност.

„Немам страв“ од Трајче Стамески го поставува прашањето дали уметноста може да го замени животот — и дали тоа право секогаш ни припаѓа. Но и роман што отвора многу други прашања коишто досега не сме ги сретнале во прозно дело од македонски автор.

– Романот „Немам страв“ е мајсторски изведен психолошки трилер, во кој анегдотската нарација се спојува со длабока психолошка анализа. Со прецизна игра на наративни гласови и фокализации, Трајче Стамески создава прозен свет што го држи читателот во постојана напнатост до последната страница. Овој роман сведочи за автор со изразен личен стил и висока прозна зрелост, истакнува писателот и универзитетски професор, Венко Андоновски.

Само неколку дена откако романот веќе достапен во книжарниците на „Матица македонска“, веќе предизвика голем интерес кај читателите. Тие ги споделуваат и своите оцени дека станува збор за роман каков што долго чекале, а каков што немало во македонската книжевна продукција – едно од делата што ќе го одбележат овој период во книжевноста. Психолошки трилер што не само што не ти дозволува да запреш со читањето дури не го дочиташ до крај, туку и те тера одма да го препрочиташ одново, како ретко кое друго дело од поновата македонска проза, истакнуваат голем број читатели. Едноставно, „Немам страв“ на Стамески поттикнува вистинска реткост во нашата книжевна средина – исклучително високи оцени од книжевната критика и голем интерес од широкиот читателски аудиториум веднаш по појавувањето на романот, иако станува збор за дебитантско прозно дело.

Во „Немам страв“, ликот Ана Ред, по смртта на сопругот Тристан пронаоѓа окер папка со таен ракопис. Пред неа се отвора една внимателно изградена архитектура од зборови. Ракописот сведочи за четири патувања низ годишните времиња со Елис — жената кон која Тристан не се осмелил да ја изговори својата љубов. Низ редовите, Ана открива обид на еден човек да се спротивстави на сопствената минливост. Соочен со губењето на сеќавањата, Тристан создава реалност во која љубовта е возможна како чист креативен чин. Онака како што очигледно е можно само во мајсторски напишан роман каков што е овој на Трајче Стамески.

Инаку, Трајче Стамески е универзитетски професор по македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на повеќе научни трудови. Неговиот творечки интерес е насочен кон современата проза, наративните техники и односот меѓу фикцијата и психолошката стварност. „Немам страв“ е негов прв роман, но со него, според реакциите на критиката и на првите читатели, прави огромен чекор на книжевната сцена.

Можеби ќе ве интересира

Утре ќе биде промовирана монографијата „Време на прекршувања – време на Голи Оток“ од Виолета Ачкоска

ДЕСК

„Читаме денес за подобро утре“ – прва ваква зелена акција на издавачка куќа во Македонија

ДЕСК

Светски ден на книжевноста за деца: Објавена нова книга од Стојан Тарапуза

ДЕСК