Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

„Притисни“ поинаков избор од говорот на омраза: Уметничка интервенција во форма на голема тастатура поставена на скверчето кај КИМ

На скверчето кај КИМ, на булевар „Партизански одреди“ во Скопје, денеска e поставена уметничка интервенција во форма на голема скулптурална тастатура, која ја пренесува пораката „Стоп за говорот на омраза“.

Инспирирана од еден од најпрепознатливите симболи на дигиталната комуникација – тастатурата – оваа уметничка инсталација го трансформира виртуелниот простор во физички, јавен објект. На тој начин повикот за запирање на говорот на омраза се пренесува од екранот во реалниот јавен простор.
Со поставувањето на ова дело во фреквентен урбан простор, се отвора прашањето за одговорноста во комуникацијата, особено во дигиталната сфера, каде говорот на омраза често останува невидлив, толериран или нормализиран. Инсталацијата има за цел да поттикне размислување, да охрабри критичка свест и да иницира јавен дијалог за последиците од ваквиот говор.

Тастатурата симболично ги повикува минувачите да „притиснат“ поинаков избор – комуникација заснована на почит, емпатија и одговорност. Преку директна интеракција со делото, граѓаните се поттикнуваат да ја препознаат сопствената улога кога станува збор за говорот на омраза, и начинот на кој комуницираме онлајн.

Акцијата е дел од серијата урбани инсталации кои преку уметност во јавен простор имаат за цел да ја подигнат јавната свест и да отворат важни општествени теми: Колку навистина умееме да го препознаеме говорот на омраза во онлајн комуникацијата? Дали преземаме одговорност како корисници и реагираме, или најчесто остануваме пасивни? И кога ќе се соочиме со ваква содржина, дали ја пријавуваме или ја игнорираме?
Оваа уметничка интервенција е реализирана од Центарот за современи уметности – Скопје, во рамките на проектот „Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда“, што го спроведува Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми – Скопје“.

Можеби ќе ве интересира

Утре променливо облачно време со повремени врнежи од дожд

C +

Ако утре сабајле слушнете детонации во кругот на касарната “Еребино” не се вознемирувајте – ќе се уништуваат минско-експлозивни средства

ДЕСК

Мицкоски: Инвестицијата од 22 милиони евра носи енергетска стабилност за Скопје

ДЕСК