На свечен настан, во присуство на владиниот врв, предводен од Претседателот на Владата, г. Христијан Мицкоски, Потпретседателот на Владата и Министер за транспорт, г. Александар Николоски, Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска и претставници на дипломатскиот кор во земјава, ЕВН Македонија официјално ја пушти во употреба новата високонапонска трафостаница „Централна“ во центарот на Скопје.
Во своето поздравно обраќање, Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, г. Волфганг Маиер, изразувајќи ја својата благодарност кон институциите, градот Скопје и општината Центар, истакна дека оваа инвестиција на ЕВН, вредна 22 милиони евра, претставува значаен чекор кон модернизација и стабилизација на електроенергетската мрежа во урбаното јадро на градот. Таа е прва енергетска инфраструктура од ваков тип изградена во Скопје, па дури и во цел регион.
Министерката за енергетика, г-ѓа Сања Божиновска изјави дека со брзиот развој на Скопје расте и потребата од стабилна и модерна енергетска мрежа. Постоечките трафостаници се застарени и одамна го надминале својот капацитет, па „Централна“ не е само нов објект, туку клучно решение што обезбедува сигурност за граѓаните и услови за понатамошен урбан развој.

Претседателот на Владата, г. Христијан Мицкоски нагласи дека оваа значајна инвестиција, што ја подобрува стабилноста на системот и ја зајакнува енергетската перспектива, значително ќе го зголеми капацитетот за прифаќање нови инвестиции во земјава.
Потпретседателот на Владата и Министер за транспорт, г. Александар Николоски, потенцираше дека изведбата на ваков објект во срцето на градот е вистинска уметност и резултат на заедничката посветеност на ЕВН и Владата кон развој на енергетскиот сектор, како клучен двигател на економскиот и општествениот развој на државата.

На настанот свое обраќање имаше и Амбасадорот на Република Австрија, Н.Е. Мартин Памер, кој истакна дека ЕВН, како еден од најголемите инвеститори во земјата, претставува значаен фактор во процесот на приближување на земјата кон Европската Унија.
Трафостаницата „Централна“ е уникатна по својата компактна архитектура и високотехнолошка опременост, бидејќи е изградена на површина десет пати помала од стандардните објекти со моќност од 120 MW и вградена GIS постројка за 110 kV (Gas Insulated Switchgear) – најмодерна технологија во овој сегмент. Во објектот се инсталирани најсовремени системи за далечинско управување, мониторинг на кабли, противпожарна заштита, како и електронски уреди за управување и заштита. За првпат во Македонија се користат 110 kV кабли за напојување на ваков објект.
Во реализацијата на проектот учествуваа повеќе од 30 компании, меѓу кои и водечки светски производители на енергетска опрема, како GE, Siemens, Končar, Astor, Dalekovod Zagreb, Adra, Benning PSAM, BMG и други.

Оваа година ЕВН Македонија прославува 20 години на македонскиот енергетски пазар. Оваа трафостаница претставува круна на сите инвестиции направени во изминатите две децении, кои заедно изнесуваат повеќе од 800 милиони евра. Со пуштањето во употреба на „Централна“, ЕВН Македонија ја потврдува заложбата за континуирана модернизација на електроенергетската мрежа и обезбедување стабилно, сигурно и ефикасно снабдување со електрична енергија за потрошувачите.

фото ЕВН
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


