Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска се обрати на конференцијата со социјалните партнери и граѓанските организации од Северна Македонија, организирана од Европскиот економско-социјален комитет (ЕЕСК) и неговиот Комитет за следење на Западен Балкан, што се одржа во Европската куќа во Скопје.
Во своето обраќање, министерот Сали истакна дека европската интеграција не е само владин процес, туку општествен проект кој бара активно учество на граѓанското општество, синдикатите, организациите на работодавачи и бизнис-заедницата.
„Организираното граѓанско општество не треба да биде набљудувач, туку ко-креатор на реформите. Кредибилитетот на проширувањето зависи од реални, мерливи и инклузивни реформи“, нагласи Сали.
Тој посочи дека ефективниот социјален дијалог претставува столб на демократската зрелост и предуслов за економска стабилност и европска интеграција. Воедно, ја потврди посветеноста на Владата кон заштита на граѓанскиот простор, медиумскиот плурализам и борбата против дезинформациите.
Министерот истакна дека Реформската агенда во рамките на Планот за раст за Западен Балкан претставува можност за поврзување на реформите со конкретни придобивки за граѓаните, но дека успехот зависи од заедничка сопственост и партнерство на сите нивоа.
Конференцијата опфати дискусии за улогата на граѓанското општество во пристапните преговори, состојбата на социјалниот дијалог, како и прашањата поврзани со слободата на изразување и справувањето со дезинформациите.
Владата на Република Северна Македонија останува целосно посветена на европскиот пат, на реформите и на конструктивниот дијалог со сите општествени чинители.


