Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп испраќа повеќе од 20.000 бомби во Израел, користејќи вонредни овластувања за да го заобиколи одобрувањето од Конгресот, пишуваат американските медиуми.
Стејт департментот прогласил вонредна состојба поврзана со војната со Иран, со што се овозможува итна продажба на оружје вредно речиси 660 милиони долари. Државниот секретар Марко Рубио утврдил дека „постои вонредна ситуација што бара итна продажба“ на 12.000 тешки бомби од по 450 килограми.
Испораката вклучува и 10.000 бомби од 225 килограми и 5.000 бомби со мал дијаметар.
Деталите за испораката ги потврдиле двајца актуелни американски функционери и Џош Пол, поранешен службеник во Стејт департментот задолжен за трансфери на оружје.
Некои конгресмени ја критикуваа одлуката за заобиколување на Конгресот.
„Денешното повикување на вонредните овластувања од Законот за контрола на извозот на оружје за да се заобиколи конгресната ревизија за два случаи на продажба на муниција на Израел открива остра противречност во самото срце на аргументите на оваа администрација за војната“, изјави Грегори В. Микс, водечки демократ во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом./Извор:Makfax


