Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека наскоро ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп како дел од напорите за прекин на руската инвазија.
„Договоривме средба на највисоко ниво со претседателот Трамп во блиска иднина. Многу работи може да се одлучат пред Нова Година“, објави Зеленски на социјалните мрежи.
Украинскиот претседател ја откри најновата верзија на американскиот план за прекин на војната меѓу Русија и Украина, за кој Вашингтон и Киев преговараат со недели. Планот предвидува замрзнување на фронтовските линии и не нуди решение за најспорното прашање за териториите окупирани од Русија, кои сочинуваат повеќе од 19% од Украина.
За разлика од оригиналната верзија на овој документ што ја составија Американците, новата верзија ги изоставува две од главните барања на Москва: повлекување на украинските сили од деловите на Донбас што се уште се под нивна контрола и законското ветување на Киев да не се приклучи на НАТО. Затоа, Москва веројатно нема да се согласи со оваа нова верзија.
Запрашан за ова, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, завчера посочи дека Москва „ја формулира својата позиција“ и одби да коментира за деталите. Вчера, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека напредокот кон завршување на војната е „бавен, но стабилен“./Извор:Makfax


