Скопје со денови се гуши во екстремно загаден воздух. Според официјалните податоци, Скопје е најзагадениот град во Европа, граѓаните – децата, младите, возрасните и хронично болните – се директно изложени на сериозни здравствени ризици.
СДСМ бара итно прогласување на еколошка и здравствена кризна состојба во Скопје. Советничката група на СДСМ и коалицијата во Град Скопје поднесе иницијатива за свикување вонредна седница на Советот на Град Скопје.
„Поднесовме иницијатива за свикување вонредна седница на Советот на Град Скопје. Бараме поддршка од сите советнички групи за да ја одржиме оваа седница и да утврдиме заклучоци и итни мерки. Здравјето на скопјани е во прашање и затоа мора заедно да донесеме решенија“, истакна Цаневска Арсовска.
На самата седница, како што рече, СДСМ ќе предложи конкретни мерки:
„Ќе предложиме бесплатен јавен превоз во деновите кога воздухот е загаден, да се побараат пари од Владата за бесплатни филтри на оџаците на големите загадувачи, пренамена на средства за прочистувачи за граѓаните и за еколошко греење, забрана за дрва и јаглен во подрачја со достапно централно греење, расчистување на дивите депонии на територија на Град Скопје, миење на улиците и пари за еколошки проекти.“ рече Цаневска Арсовска.
Таа остро реагираше и на приоритетите на власта:
„Не може да има пари за милионски тендери, 9 милиони евра за само една фирма или 161 тендер за друга, а да нема пари за скопјани. Не може богатењето на поединци во власта да биде поважно од здравјето на скопјани. Да застанеме сите заедно на страната на Скопјани и да делуваме веднаш“, рече Цаневска Арсовска.


