Centar.mk
фотографијата е уникатно генерирана со вештачка интелигенција за потребите на Centar.mk
МАКЕДОНИЈААНАЛИЗА

АНАЛИЗА: Студентските ваучери го “запалија” ИТ-пазарот: Увозниците тријат раце, парите бегаат надвор, а студентите ги препродаваат за “багатела”!

Владината мерка за доделување десетици илјади ваучери од по 250 евра за студенти, наменети за купување таблет или компјутер, предизвика еуфорија — но главно кај увозниците и големите продавници за ИТ-опрема и бела техника. Преку силниот раст на побарувачката, трговците прават значајни профити, додека најголемиот дел од парите повторно завршуваат надвор од државата, бидејќи Македонија не произведува компјутери и друга информатичка опрема.

Според првичните процени на трговците, продажбата на лаптопи и таблети се зголемила за 80 до 120 проценти во само една недела. Луѓе кои работат во увозни компании велат дека ваков интерес не бил забележан од проектот компјутер за секое дете.

„Ова е најсилниот бран на продажба во последните десет години. Сите модели под 400 евра се распродадени. Ваучерите дефинитивно ја раздвижија индустријата,“ велат за Центар.мк вработени во ИТ-компанија.

Огромен профит, но парите не остануваат дома

Иако мерката е претставена како поддршка за дигитализацијата на студентите, експертите предупредуваат дека ефектот врз економијата е ограничен, бидејќи средствата преку домашните продавници директно одат кај странските производители.

-Македонија нема домашно производство на компјутери. Реално, државата со оваа мерка повеќе ја субвенционира увозната индустрија отколку што инвестира во знаење, оценуваат економските аналитичари, кои додаваат дека голем дел од мерката се враќа кај мултинационалните производители:

„Секој ваучер што ќе го искористи студент, на крај завршува во Кина, Тајван или САД. Домашниот ефект е само маржата што ја земаат трговците.“

Продавниците од своја страна не го кријат задоволството – продажбата расте, а уделот на евтините и средната класа уреди е најголем. Се купува сè што е достапно: таблети, персонални компјутери и буџет лаптопи.

Студентите го „надитрија“ системот – се продаваат ваучери по дампинг цена

Иако наменети исклучиво за набавка на нов уред, дел од студентите веднаш најдоа начин како да ја претворат мерката во готовина.

На огласниците веќе никнуваат десетици објави: „Продавам ваучер – 100 евра“, „Ваучер 250 во продавница, кај мене 150“.

Пазарот експлодираше, а цените паѓаат секој ден.

Еден студент ни изјави:
„Немам реална потреба од уште еден таблет. Подобро би зел 120 евра на рака отколку нешто што ќе стои дома. Сите така прават.“

Препродажбата на ваучерите е незаконска, но сепак огласниците се преполни.

Дали мерката треба да се ревидира?

Критичарите сметаат дека ова е уште една мерка која добро звучи, но е лошо осмислена.

– Да им се помогне на студентите – одлично. Но ваучерите мораа да бидат врзани за конкретни образовни потреби, а не за генерална ИТ-опрема, велат познавачите.

Додека државата најавува дека мерката ќе продолжи и следната година, експертите апелираат дека треба поголем надзор, јасни правила и стратегија што навистина ќе ја поддржи дигиталната компетентност кај младите, наместо да го зголеми увозниот дефицит.

error: Соддржината е заштитена.