По повод Светскиот ден на детето 20-ти ноември, денеска во градинката ,,Орце Николов” во Карпош 3, градоначалникот Сотир Лукровски ги посети најмалите жители на локалната самоуправа. При обиколка на објектот, првиот човек на Општината се запозна со условите во градинката, а дечињата го поздравија со искрени пораки. Нивните светнати очиња и насмеани лица ја разубавија оваа средба, а најмалите карпошани со стихотворби и песнички умешно се претставија пред таткото на Општината. Инаку, овој датум кој се одбележува на глобално ниво претставува ден за акција од децата за децата, и истиот се празнува откако беше усвоена Конвенцијата за правата на детето.
Во текот на денешниот ден, градоначалникот Сотир Лукровски и претседателот на Советот, Христо Саракинов, ги примија основците од ,,Петар Поп Арсов” во своите работни кабинети. Во рамки на средбата учениците од шесто до деветто одделение поставуваа прашања во врска со локалната самоуправа. Во оваа пригода, првиот човек на Општината им објасни на учениците како функционира една локална самоуправа и кои се неговите надлежности и приоритети. Низ разговор, младите карпошани го информираа Лукровски за нивните визии, желби и очекувања, Карпош да стане средина со повеќе зелени површини и чиста животна околина. Учениците и наставниот кадар упатија голема благодарност до градоначалникот Лукровски, кој на негова иницијатива со помош на Советот, неодамна пренамени дел од општинските средства, за покривање на трошоците за комуналии на ова основно училиште.
-„Јас како градоначалник особено ќе се фокусирам на зголемување на културната понуда во нашата општина. Сакаме да обезбедиме поширок простор во кој ќе функционираат нови катчиња каде ќе се социјализираат младите луѓе. Мојата врата ќе биде ширум отворена за вашите предлози, сугестии и идеи. Вашата потреба ќе биде моја обврска“ – им вети Лукровски на основците од Карпош.
Во оваа пригода, учениците му подарија на градоначалникот цвеќе, кое од денеска ќе го краси неговиот кабинет.


