Дваесет и вториот состанок на Конференцијата на парламентарните комисии за европска интеграција/прашања на земјите вклучени во процесот за стабилизација и асоцијација на Југоисточна Европа (COSAP/КОСАП), која беше организирана од страна на Парламентот на Босна и Херцеговина, се одржа во Сараево на 17 и 18 ноември 2025 година.
На Конфернцијата учествуваа делегации од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, како и делегации – специјални гости од парламентите на Турција и Грузија, која беше обележана со дискусија на следните теми: Безбедносната рамка на ЕУ, влијанието на актуелните кризи врз проширувањето, поддршката за европска интеграција на регионот; Економска интеграција и поврзаност на Западен Балкан; Зајакнување на улогата на парламентите во процесот на пристапување кон ЕУ.
Комисијата за европски прашања од македонското собрание ја претставуваа заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања, Игор Здравковски и членката на Комисијата, Даниела Белимова.
Во воведниот дел од Koнференцијата, на парламентарците им се обратија амбасадорот на Сојузна Република Германија во Босна и Херцеговина, Алфред Гранас; амбасадорот на Кралството Данска во Босна и Херцеговина, Оге Сандал Мелер и заменик-генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, Умут Ергезер, кои ја истакнаа важноста на регионалната соработка и континуираниот ангажман за унапредување на европскиот пат на земјите од Западен Балкан.
Главни говорници на првиот панел беа Давор Иво Штир, копретседавач на ПОСП ЕУ-БиХ од Европскиот парламент; Адебајо Бабајиде, заменик-шеф на Мисијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, и Лика Шартава, претставник на Парламентот на Грузија.
Во рамките на овој панел, посветен на геополитички контекст и влијание врз проширувањето на Европската Унија, пратеничката Даниела Белимова истакна дека интеграцијата на Западен Балкан е од суштинско значење за стабилноста и просперитетот на Европа. Таа нагласи дека Северна Македонија веќе две децении активно учествува во КОСАП, демонстрирајќи континуирана посветеност на европските вредности, реформите и регионалната стабилност. Белимова посочи дека земјата е одговорен партнер кој ги исполнува препораките на ЕУ, но дека е неопходна правична евалуација на постигнатиот напредок. Таа додаде дека поддршката за проширувањето е клучна во време на зголемени безбедносни и политички предизвици, со цел изградба на посилна и пообединета Европа.
Главен говорник на вториот панел беше Фатмир Цури, виш експерт од Советот за регионална соработка. Во рамките на дискусијата на овој панел зборуваше и заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања, Игор Здравковски.
Имено, на панелот посветен на економската интеграција на Западен Балкан, Здравковски истакна дека регионалната соработка е клучна за забрзан развој, зголемена конкурентност и стабилност. Тој нагласи дека Северна Македонија останува силно посветена на Берлинскиот процес и Заедничкиот Регионален Пазар, како платформи што ги унапредуваат економската поврзаност и европската перспектива на регионот. Здравковски посочи дека продлабочената економска интеграција отвора нови можности за граѓаните, ја зајакнува довербата меѓу земјите и создава подобри услови за инвестирање. Тој заклучи дека искрената и практична соработка е основа за политички стабилен и економски динамичен Западен Балкан.
Воведна презентација на третиот панел имаше Демуш Шаша, ГИЗ експерт. Имено, во рамките на третиот панел посветен на зајакнување на улогата на парламентите во процесот на пристапување кон ЕУ, се обрати Здравковски истакнувајќи дека Собранието континуирано работи на усогласување со европското законодавство и има спроведено значајни реформи. Тој потсети дека земјата направи бројни отстапки, вклучително и промената на уставното име. Здравковски нагласи дека нашата работа на стандардизација и усогласување треба да се вреднува низ призмата на постигнатите резултати, а не низ призмата на историјата, која останува сериозна пречка за започнување на пристапните преговори. Тој додаде дека државата останува посветена на реформите и очекува фер, предвидлив и критериумски заснован процес, со фокус на Копенхашките критериуми.
Во содржајната расправа за време на трите панела, учесниците на КОСАП ги поздравија препораките од извештаите на Европската комисија во врска со постигнатите индивидуални резултати на земјите кои се приклучуваат кон европското семејство, со очекување за уште посилна поддршка од Унијата во однос на побрзото пристапување, но и со уверување дека пристапувањето кон ЕУ е клучниот двигател на напредокот. Тие изразија силна политичка волја процесот на проширување и регионална соработка на патот кон ЕУ да продолжи и разговараа за области од заеднички интерес за натамошни реформи: економски развој, инфраструктурна и енергетска поврзаност, зелени коридори, демографски трендови, дигитална трансформација и перспективите на младите. Учесниците се согласија дека процесот на европска интеграција бара координирани напори, меѓусебна поддршка и проактивна улога на парламентите во спроведувањето на реформите. Конференцијата заврши во дух на партнерство и заедничка визија за европската иднина на регионот. По расправата, на крајот од состанокот на Конференцијата не беше усвоена заедничка изјава.
Домаќин на следниот 23. состанок на Конференцијата КОСАП, ќе биде Македонското собрание.


