Пожарот што синоќа, непосредно пред полноќ, избувна во облакодерот на „Вјесник“ на Славонска авенија, се гаснеше речиси цел ден. Загрепските пожарникари полни 17 часа работеа на локализација и целосно гасење на огнот што зафатил повеќе ката од зградата, пренесе Индекс.
На терен биле 93 пожарникари со 30 возила, а целиот дел околу облакодерот бил блокиран. Како што наведува Индекс, среќа е што нема повредени, но причината за пожарот сè уште не е позната. Пожарникарите цела ноќ се бореле со високи температури и густ чад што излегувал преку прозорците и вентилациските отвори на зградата.
Делови од градот и понатаму затворени
На вонредна прес-конференција, Андро Павуна, началник на Управата за месна самоуправа, сообраќај, цивилна заштита и безбедност, потврдил дека Славонска авенија кон исток и подвозникот остануваат затворени.
Се очекува повторно да се отвори во следните часови, во зависност од проценките на стручните служби. Сообраќајот во поширокото подрачје и понатаму е отежнат, а полицијата ги повикува граѓаните да користат алтернативни правци.
Температури и до илјада степени
Марио Урош од Градежниот факултет открил дека температурата во облакодерот за време на пожарот достигнувала околу 500°C, а на поединечни места и до 1000°C.
Во тек се детални процени на статиката на зградата. Според првичните наоди, статиката засега не е загрозена, но конечната одлука за иднината на објектот сè уште не е донесена.
Рушење или обнова?
На новинарско прашање дали ќе се пристапи кон рушење на облакодерот или негова можна обнова, министерот за градителство Бранко Бачиќ изјавил дека е прерано за одлуки.
„Ќе ги почекаме проценките, тие ќе бидат донесени во наредните денови“, изјавил министерот./Извор:Makfax


