Унгарскиот премиер Виктор Орбан по разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа изјави дека добил ослободување од американските санкции за руските енергетски производи.
Орбан изјави дека Унгарија успешно го заштитила својот план за намалување на сметките за енергија и дека ќе биде целосно ослободена од санкциите поврзани со гасоводите Турски тек и Дружба, објави унгарската новинска агенција MTI.
„Унгарија ќе продолжи да има најниски цени на енергијата во Европа“, рече унгарскиот премиер, додавајќи дека Будимпешта ги подготвила сите потребни услови за ова. Според него, санкциите што можеа да ги направат испораките или увозот на енергетски производи поскапи за Унгарија нема да се применуваат.
„Ова е целосно ослободување од санкциите, без временско ограничување“, рече Орбан.


