Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена истрага, денеска поднесе Обвинителен акт против три лица, кои како соизвршители сториле кривично дело – Тешка кражба од објекти на јавни инсталации кои се од посебно значење за сигурноста на луѓето и имотот согласно член 236 став 4 во врска со став 1 точка 1 од Кривичниот законик.
Обвинетите, заедно и со други лица кои се уште не се идентификувани, во периодот од март до почетокот на мај годинава, од кругот на фабриката „Железара“ во Скопје, односно од објектот на „Полуконти –ИГМ“ и подземните тунели низ кои поминуваат кабли за напојување со електрична енергија одзеле повеќе километри високоенергетски и среднонапонски кабли во сопственост на оштетените правни лице АД ЕСМ – Електрани на РСМ – Подружница енергетика Скопје и МакСтил АД Скопје во вкупна вредност од околу 440 илјади евра.
Во повеќе наврати, преку отвори со скалила кои водат во подземните тунели, обвинетите влегувале од погонот на „Полуконти –ИГМ“ и откако со апарат се уверувале дека каблите не се под напон, со батериска брусалка ги сечеле и ги складирале до влезот од тунелите. Поради нивните дејствија, на 9 април настанал и пожар во трафостаницата ТС Југ со кој била предизвикана и дополнителна штета на јавните инсталации за чие санирање биле потребни повеќе од 100 илјади евра, а не се реализирало и планираното производство и дистрибуција на електрична енергија кон крајните корисници на електрична енергија за период на санација на дефектите во вредност околу 60 илјади евра.
Потоа на 6 мај, сите тројца обвинети заедно, со возило Фолксваген голф дошле до објектот и ги подготвувале каблите за транспорт. Но, при удар со кабел едниот осомничен бил повреден и тројцата отишле најпрво на Ургентниот центар „Мајка Тереза“, каде му биле констатирани повреди и му била укажана лекарска помош. Потоа сите тројца се вратиле во објектот, ги зеле алатите кои ги оставиле и се обиделе да го напуштат местото, но биле затекнати и лишени од слобода веднаш по излезот од кругот на „Железара“.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за сите тројца обвинети, бидејќи се уште постојат опасноста од бегство, можноста за влијание врз сведоци и ризикот да го повторат делото како основи поради кои таа мерка беше првично побарана и определена.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


