Останките вратени од Хамас синоќа му припаѓаат на заложник кој веќе е погребан во Израел, а не на еден од 13-те починати заложници кои сè уште се држат во Газа, потврдија денес израелските власти. Овој потег предизвика остра реакција, а премиерот Бенјамин Нетанјаху најави итен состанок за да се разговара за одговорот на Израел, објави „Ерусалим пост“.
Можните мерки што Израел би можел да ги преземе беа дискутирани со американските претставници во последните денови. „Ова не може да остане без одговор“, изјави висок израелски извор за „Ерусалим пост“.
Останките беа префрлени на израелска територија од страна на Израелските одбранбени сили (ИДФ) во понеделник вечерта и пристигнаа во Националниот институт за судска медицина во Абу Кабир околу полноќ за идентификација.
Член на бригадите Изадин ал-Касам на Хамас за Ал Џезира изјави дека останките биле пронајдени за време на ископувања во населбата Туфах во градот Газа, област која моментално се наоѓа на страната на Хамас од линијата за демаркација според договорот за прекин на огнот.
Хамас, исто така, ги информираше арапските посредници дека работи на ексхумација на останките од уште седум до девет заложници убиени во Појасот Газа, објави во понеделник саудискиот весник „Ашарк њуз“.
Предавањето на останките се случи само неколку часа пред истекот на рокот од 48 часа што го постави американскиот претседател Доналд Трамп за забрзување на враќањето на телата на починатите заложници.
„Хамас ќе мора да почне брзо да ги враќа телата на починатите заложници, вклучувајќи ги и двајцата Американци“, напиша Трамп во својата објава. „Ќе видиме што ќе направат во следните 48 часа. Го следам ова многу внимателно“, рече тој./Извор:Makfax
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


